Хуанито тортата е една од најпознатите старински торти која има тенок бисквит (кора) која служи како подлога, а останатите состојки се кремовите.
Тортата се прави од три филови, а доколку го вбројуваме и шлагот кој се става последен, во тој случај има четири слоеви. Постарите генерации ја обожаваат, а порано се правела за секоја голема прослава.
Многу е вкусна поради различноста во секој крем кој совршено се комбинира со останатите кремови. За оваа торта не ви треба многу напор за да ја направите.
Само изматете ги одделно состојките за филовите, како и за бисквитот, испечете го и филувајте. Вкусот е толку лесен, па сите ќе ги израдувате доколку ја направите без повод. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТОТ: 6 белки, прстофат сол, 90 г шеќер (6 лажици), 150 г мелени ореви, 1 лажица брашно, 1 лажица какао во прав.
ЗА ФИЛОТ: 1 л млеко (800 + 200), 150 г шеќер, 4 пудинзи од ванила (160 г), 6 жолчки, 3 лажици брашно (30 г), 250 г маргарин/путер (собна температура), 100 г чоколадо за готвење, 250 г мелени ореви.
И УШТЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 300 г шлаг, 500 мл кисела вода (од фрижидер), 100 г млеко во прав, 250 г мелена плазма.
ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 200 г шлаг, 400 мл кисела вода (од фрижидер).
ПОСТАПКА ЗА БИСКВИТОТ: Најпрво, вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Земете еден подлабок сад и во него одделете ги 6-те белки, кои треба да бидат на собна температура и посолете.
Измиксајте ги белките додека да се формира цврст снег, а потоа постепено започнете да додавате 90 г шеќер, додека непрекинато матите со миксерот.
Кога шеќерот ќе се растопи, додајте 150 г мелени ореви, 1 лажица брашно и 1 лажица какао, па сѐ измешајте со шпатула.
Во еден плех со стандардна големина, обложен со хартија за печење излејте ја смесата и рамномерно израмнете ја, за убаво да ви излезе кората. Ставете ја кората да се пече околу 15-20 минути.
По печењето, проверете го бисквитот со чепкалка и оставете да се олади во плехот околу 10-тина минути. Во меѓувреме подгответе го филот.
ЗА ФИЛОТ: Во поголемо тенџере измешајте 800 мл млеко, 150 г шеќер, промешајте и ставете на шпорет да зоврие.
Во садот со 6 жолчки, кои претходно ги издвоивте сипете го преостанатото млеко (200 мл), промешајте и постепено додајте 3 лажици брашно и 4 кесички пудинг од ванила.
Кога млекото ќе зоврие, тргнете го од рингла, додајте ја подготвената смеса со постојано мешање околу 1 минута, а потоа вратете го тенџерето на рингла и варете на тивок оган, до згуснување (оприлика околу 8 минути). Поделете го врелиот фил на 2 дела.
Во едниот дел додајте 250 г мелени ореви, измешајте и оставете да се излади. Во другиот дел, додајте 100 г чоколадо за готвење, измешајте и оставете да се излади настарана и овој фил.
Измешајте 250 г маргарин или путер, претходно отстојан на собна температура заедно со шеќерот во прав, па и оваа смеса поделете ја на два дела. Едниот дел додајте го во оладениот фил со ореви, и изматете со миксер, а истото направете го и со другиот фил.
ЗА ТРЕТИОТ ФИЛ: Изматете 500 мл ладна кисела вода во 300 г шлаг и матете со миксер додека шлагот да стане цврст (околу 3 минути).
Додајте 100 г млеко во прав и промешајте уште една минута, потоа додајте 250 г мелени бисквити и соединете со лажица. Поделете го филот на половина.
ФИЛУВАЊЕ: Бисквит, чоколаден фил, половина од филот со плазма, филот со ореви, другата половина од филот со плазма.
ЗА ДЕКОРАЦИЈА: Изматете 200 г шлаг со 400 мл ладна кисела вода, 3 минути па премачкајте врз тортата во подебел слој. Тортата ставете ја фрижидер пред сервирање, да отстои неколку часа или најдобро преку цела вечер.