Немојте да си мислите дека ако нема масло или маснотија, јадењето ќе биде помалку вкусно од вообичаено. Ова е еден одличен рецепт, посен паприкаш кој секој треба да го јаде и тоа не само кога се пости, туку и преку цела година.

Има одлични ароми од печен кромид и зеленчук, а лебот е ист како да излегол од врвна пекара. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за посен паприкаш без масло: 350 г кромид, 1200 г компир, 1 бабура пиперка (свежа или смрзната), 2 домати помали (свежи или смрзнати), парче целер или магдонос, 1 морков, сол и црн пипер по вкус, 1 лажица црвен пипер во прав, вода

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за леб со крцкава кора, без масло: 300 мл млака вода, 20 г свеж квасец (1/2 коцка или 1 кесичка сув квасец од 10 г), 1 супена лажица шеќер, приближно 500 г меко бело брашно или по потреба, 1.5 мала лажичка сол

ПОСТАПКА за приготвување на паприкашот: комидот исчистете го и исечете го на кругови или лентички, исто така и морковот, целерот и пиперката, а доматот само ставете го во тепсијата во едно парче.

Малку посолете го сиот зеленчук и ставете да се пече на најсилна температура 20-тина минути.

Потоа сиот зеленчук (кој патем прекрасно мириса од сопствените сокови и ароми) ставете го во блендер или во сечко и сомелете го додека да добиете изедначена смеса. Во длабоко тенџере ставете измиен, излупен и на коцки исечен компир.

Додајте го пирето од печен, мешан зеленчук, зачинете со црн и црвен пипер во прав и додајте некој зачин по ваш избор и вкус. Прелијте со топла вода колку да се прекрие компирот, па ставете на рингла да зоврие.

Гответе најпрво на најсилна температура 20-тина минути, а потоа намалете на пониска температура и „крчкајте“ го посниот паприкаш уште 15-тина минути.

Кога ќе забележите дека компирот почнува малку да се распаѓа (проверете со виљушка), значи дека чорбата е готова.

Исто така, при варењето паприкашот ќе си добие и убава густина (ако сакате да биде погуста, испасирајте малку од варениот компир и вратете назад).

Посолете по вкус и додајте малку лист од магдонос по вкус и уживајте во одличниот вкус. Следи постапката за крцкавиот леб:

ПОСТАПКА за приготвување на леб без масло со крцкава коричка: во посебен сад растворете го квасецот во топла вода со малку шеќер, додајте малку брашно и промешајте.

Постепено додавајте го остатокот од брашното, посолете и замесете меко и мазно тесто. Оставете го да отстои 10 минути.

Потоа премесете го и префрлете го во калап или тепсија наросена со брашно. Оставете да ферментира половина час на топло место. Во рерната ставете сад со топла вода, па вклучете да се загрева на 200 степени.

Површински направете засеци и ставете да се пече лебот во рерната полна со водена пареа додека да зарумени, проближно еден час. Деталите од рецептот на Ивана погледнете ги ОВДЕ.