Во последните неколку години, можеме да забележиме дека сè повеќе луѓе стануваат алергични на глутен, односно овој структурен протеин не му одговара секому, па дури и предизвикува тегоби. Ако имате интолеранција и дигестивни пречки, подгответе си го овој здрав леб, по рецептот на Валентина кој може да го јадат и оние кои се на диета, а главната состојка се овесните снегулки.
Не ви треба многу време за да го подготвите овој вкусен леб, кој јас често го правам, покрај тоа е здрав и знаете што сте ставиле во него. Безглутенскиот леб е богат со разновидни семки, здрави масти, протеини и растителни влакна. Може да го јадете без грижа и да го принесувате како прилог што ќе биде одличен во комбинација со вашето омилено јадење или потпечен со малку маслиново масло како закуска.
Во овој леб може да додавате семки по ваш избор. Во рецептот, се користат само семки од лен, но сусамовите и сончогледовите или семките од тиква одлично се комбинираат во овој рецепт. Исто така, може да додавате и зачини по ваш вкус, на пример лебот да го направите пикантен. Еве што ви е потребно за да го подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 6 чаши овесни снегулки, 4 јајца, 3 чаши кисело млеко или цврст јогурт (грчки), 2-3 лажички сол, 2 кесички прашок за печиво, 2 лажици маслиново масло, 1-2 лажици ленено семе, 2 чаши излупени ореви. Како мерка се користи чаша од 200 мл. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 1 квасец, 500 мл млака вода, 500 г хелдино брашно, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 3 супени лажици маслиново масло.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Сите состојки се соединуваат и смесата се прелива во правоаголен калап обложен со хартија за печење. Детално постапката проследете ја во продолжение. Во подлабок сад ставете 6 чаши овесни снегулки, по можност да бидат ситно издробени (така може да ги купите или вие да ги издробите во блендер).
Потоа додајте 4 јајца и разматете ги во житариците со жица/маталка. Посолете по вкус, па додајте 3 чаши кисело млеко или цврст јогурт и сѐ заедно измешајте. Додајте 2 кесички прашок за печиво, а наместо прашок за печиво може да користите и сода бикарбона. Додајте 1-2 лажици ленено семе, 2 чаши излупени, мелени ореви и 2 лажици маслиновото масло.
Целата смеса соединете ја со жица/маталка и прелијте ја во претходно обложен калап со хартија за печење и малку намастен. Калапот треба да биде специјален за леб, долгнавест и помал. Лебот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 40-тина минути, со повремено проверување.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во поголем сад ставете 500 г хелдино брашно, па додајте ја солта, шеќерот и квасецот. Добро промешајте, па додајте го маслиновото масло. Постепено додавајте млака вода и замесете убаво да се соединат сите состојки.
Тестото оставете го да отстои околу 30-тина минути или повеќе ако е потребно да се удвои. Загрејте ја рерната на 250 степени, па во намастен плех ставете го тестото и печете околу 45 минути на температура од 200 степени. Печеното лепче покријте го или завиткајте го во чиста памучна крпа. Деталите за првиот рецепт може да ги погледнете ОВДЕ.