Попарата е многу вкусно старинско јадење и често се приготвувало кога дома ќе останел вчерачен или завчерашен леб. Овој рецепт е сеќавање на мојата прабаба, на моите баба, дедо, мајка…кои ни го приготвуваа овој топол оброк полн со љубов.
Некогаш мајка ми го кинеше лебот на помали парчиња, и обичната попара од леб, млеко и малку сирење ја претвораше во совршенство. Оваа нејзина идеја мене многу ми се допадна, многу е повкусна затоа што кората наоколу останува за нијанса покрцкава. Во продолжение можете да го прочитате рецептот на Валентина и на Дани. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 (на Валентина) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 12 парчиња леб, 2 главици кромид, 5-6 чешниња лук, 10 шери домати, 250 г шунка, 250 г сирење, 250 г кашкавал. За прелив: 6 јајца, 300 мл млеко, 4 супени лажици кисела павлака, зачини, сол, црн пипер и малку масло
РЕЦЕПТ 2 (на Дани) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: (за мерење се користи чаша од 250 мл): Еден леб исечен на тенки парчиња (или колку имате од вчерашниот леб), една чаша млеко, една чаша вода, рендан кашкавал помешан со ситно сирење по избор, малку лук исечен на тенки листови или ситно, прстофат сол, една лажица путер, црн пипер или алева пиперка по вкус
ПОСТАПКА за рецепт 1: кромидот ситно исечкајте го и пропржете го на малку масло и штом застакли и омекне додајте ситно сечкан лук и шери доматчиња исечени на половина. Динстајте неколку минути колку да испари вишокот течност од доматите. Потоа додајте ситно сечкана шунка (како замена може да употребите ситно сечкана пиперка или спанаќ). Зачинете по вкус.
Пропржете неколку минути и оставете да се подизлади. За тоа време во подлабок сад скршете ги јајцата, посолете и запиперете по вкус, 300 мл млеко, 4 полни супени лажици кисела павлака, па сето добро соединете го го во изедначена смеса. Садот (28 см) во кој ќе ја печете попарата добро намастете го со масло или путер.
Потоа на дното наредете леб исечен на коцки. Врз него распоредете го филот од шунка со домати, па ситно сирење, а врз него рендан кашкавал. Потоа постапката повторете ја уште еднаш, односно сите состојки наредете ги во два-три слоја или додека да го потрошите материјалот.
На крај завршете со рендан кашкавал, па полека со кутлача залијте го приготвениот прелив од јајца и млеко. Вака натопената попара оставете ја да омекне половина час, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 30-тина минути или додека да зарумени. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Лебот исечете го на тенки парчиња (или искинете го со прсти на помали парчиња, како ви е подраго), па наредете го во еден огноотпорен сад/плех претходно намастен со путер, маргарин или некоја друга маснотија.
Одозгора посипете го богато со рендан кашкавал (гауда, ајдамер, пармезан или што ви се наоѓа во фрижидер, најдобро некој кој убаво се топи и кој обично го ставате во пица), а може да додадете и малку ситно сирење/фета.
Во едно тенџере ставете една чаша млеко и една чаша вода (вкупно 500 мл), додајте го ситно исечканото лукче, посолете со прстофат сол или по вкус и оставете да зоврие. Со зовриеното млеко прелијте го лебот и кашкавалот.
Поклопете го садот или покријте го со фолија ако го печете во рерна, а може да го зготвите и на рингла во тава поклопена со капак. Гответе на умерена температура, во рерна на 200 степени, додека лебот да ја впие течноста и кашкавалот да се растопи.
Ако ви се чини дека нема доволно течност, долејте уште малку мешавина од вода и млеко и оставете да се впие во сувиот леб. Гответе додека сето да прокрчка и течноста да испари. Настрана растопете лажица путер или маст, па прелијте преку попарата. Одозгора наросете малку црн или црвен пипер. Послужете со јогурт или салата. Деталите од првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ.