Панцеротите се омилените печива кои се прават со генерации во семејствата. Тестото е многу едноставно, најчесто бесквасно и се замесува за кратко време. Однатре може да ги филувате со што и да имате дома, како сирење, урда, сувомеснато, мелено/пилешко месо, печурки, павлака, кечап, праз, спанаќ итн. Секое домаќинство ги преферира на одреден начин, така што изборот на фил останува на вас.




Ова тесто за панцероти е бесквасно, затоа не треба да отстојува, а покрај тоа ќе заштедите и на време. Излегуваат 24 панцероти со средна големина. Еден дел може да си ги замрзнете, а другиот дел веднаш да ги направите. Се јадат за брзо време, па доколку ги подготвите сите, со сигурност ќе бидат изедени уште истиот ден. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 1 чаша млеко (200 мл), 1 чаша вода, 1 кесичка сода бикарбона (10 г), 4,5 чаши брашно (540 г), 1 мала лажичка сол (8 г). ЗА ФИЛ: 400 г мелено месо (чисто или мешано), ситно сечкан магдонос, 2 главици кромид, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка црн пипер, 100 мл вода (1/2 чаша).




ПОСТАПКА: За тестото, во подлабок сад ставете 1 чаша млако млеко, додајте 1 чаша вода, па истресете ја кесичката со сода бикарбоната. Измешајте ја содржината со дрвена лажица додека состојките да се соединат, па потоа постепено започнете да го додавате брашно. За ова тесто ќе ви бидат потребни околу 4,5 чаши брашно.




Полека започнете да го мешате брашното, додајте 1 мала лажичка сол и соединувајте со дрвената лажица сѐ додека смесата да почне да се соединува, па преминете на месење со рака. Замесете фино и меко тесто, кое треба да биде нелепливо под прсти, тестото може да го замесите и на рамна, набрашнета површина, доколку така ви е полесно.




Кога убаво ќе го замесите тестото, вратете го во садот каде што првично го замесивте, покријте го со проѕирна фолија и памучна крпа и оставете да одмори 10-тина минути. По изминатото време, тестото истресете го на работната површина, уште малку размесете го и обликувајте го во подебел валјак. Од валјакот поделете на 12 еднакви делови, а потоа без да ги одделувате од тестото, поделете ги на половина за да добиете 24 помали делови.




Секој дел обликувајте го во топче, а потоа редете ги топчињата на овал и оставете да одморат уште неколку минути додека го подготвувате филот. ЗА ФИЛОТ: Меленото месо ставете го во подлабок сад (не мора да го пржите претходно), додајте ситно сечкан магдонос и 2 главици ситно сечкан кромид.




Соединете ги состојките со лажица додека да се формира компактна смеса и зачинете по вкус посолете и запиперете. Потоа преминете на развлекување и полнење на панцеротите. Секое топче тесто развлечете го со оклагија во тенок круг (колку една мала чинија).

На едната половина од кружното тесто редете по малку од филот, а потоа преклопете со празната страна. Кога ќе го затворите тестото, добро залепете го така што краевите ќе ги притискате со виљушка.




Вака подготвените панцероти пржете ги во длабоко и загреано масло, по неколку минути додека да поруменат од двете страни, а потоа вадете ги на овал со хартија за да се впие вишокот масло. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.