За роденденот на ќеркичката го направив овој вкусен колач со карамел, кој ѝ е омилен на Саричка. Веќе со години го подготвувам овој рецепт, а пред некое време го најдов во малку напредна верзија на каналот на Софи Мајер. Збогатен со уште неколку состојки, колачот навистина излезе феноменален.




После роденденот, сликите ги објавив на мојот профил на Фејсбук и соседите кои живеат над мене во зградата веднаш ми побараа рецепт и по едно парче, ако останало. Рецептот им го напишав во порака, а бидејќи со нив си живееме со години, ги поканив да дојдат и да го дегустираат во чест на роденденот на ќерката. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРАТА: 3 јајца, прстофат сол, 90 г шеќер, 50 мл млеко, 75 г брашно, 25 г какао, 1 лажиче прашок за печиво. ЗА КАРАМЕЛОТ: 150 г шеќер, 70 г путер, 110 мл неутрална павлака, 1/3 лажиче сол. ЗА НАТОПУВАЊЕ НА КОРАТА: 200 мл топло млеко, 1 лажиче ванилин шеќер.

ЗА КРЕМ: 400 г крем сирење, 40 г шеќер во прав, 200 г неутрална павлака (ладна), 1 лажиче екстракт од ванила. ЗА ГЛАЗУРА: 70 г млечно чоколадо, 70 г темно чоколадо, 110 мл неутрална павлака.




ПОСТАПКА: Најпрво подгответе ја кората. Во еден подлабок сад скршете ги трите јајца кои треба да бидат отстојани на собна температура. Додајте прстофат сол и 90 г шеќер и со миксер изматете додека јајцата да станат пенасти и да се зголеми волуменот на смесата.




Постепено излевајте 50 мл млеко, додека непрекинато матите со миксерот, па потоа тргнете го настрана и сувите состојки мешајте ги со шпатула. За смесата да нема грутчиња, брашното, какаото и прашокот за печиво просејте ги преку сито. Нежно измешајте ја смесата од дното кон врвот.




Настрана подгответе една тава за печење со димензии 18х18 см. Намастете и набрашнета ја тавата па излејте ја смесата и рамномерно распоредете ја. Кората печете ја во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20-тина минути. По печењето, проверете ја кората со чепкачка, дали е испечена.




ЗА КАРАМЕЛОТ: Во тавче на ниска температура ставете 150 г шеќер и почекајте да се карамелизира без мешање, само протресувајте го тавчето. Во растопената и течна карамела додајте 70 г путер и нежно промешајте со шпатула, додека да се соедини. Потоа додајте 110 мл неутрална павлака и 1/3 лажиче сол и сѐ заедно соединете. Оставете го карамелот настрана да се олади.




Изладената кора избоцкајте ја со виљушка и префрлете ја во сад со флексибилен обрач, за да може полесно да ја филувате. Подгответе мешавина од 200 мл топло млеко и 1 лажиче ванилин шеќер и хидрирајте ја кората со неколку лажички од топлото и засладено млеко.




Преку кората излејте го оладениот карамел и рамномерно распоредете. Потоа подгответе го кремот: 400 г крем сирење изматете го со 40 г шеќер во прав, па во пенастата смеса додајте 200 мл ладна, неутрална павлака и 1 лажиче ванилин екстракт и сѐ заедно изматете во цврст снег. Излејте и израмнете го белиот крем преку карамелот.

ЗА ГЛАЗУРА: На пареа растопете 70 г млечно чоколадо и 70 г темно чоколадо со 110 г неутрална павлака или млеко. Млаката глазура излејте ја преку белиот крем. Колачот се остава во фрижидер да се олади неколку часа или најдобро преку цела вечер. Следниот ден се послужува со сечење на коцки и по желба се декорира со тостирани јатки и преостанатиот карамел. Деталите може да ги погледнете ОВДЕ.