Бајадера, што на француски јазик значи „танчерка во храм“, е еден од омилените колачи во регионот и пошироко. Се приготвува со зовриен сируп од шеќер и вода во кој се додаваат мелени бисквити, ореви/лешници и путер. Потоа смесата се дели на два дела, од кој едниот останува светол, а во другиот се додава чоколадо и станува темен.
Колачот потоа се залива со чоколадна глазура. Колку поквалитетни состојки користите, толку пософистициран колач добивате. Многу едноставна постапка, па поради тоа, но и поради богатиот вкус, овој колач е многу ценет кај народот. Колачот изворно е мрсен, но ако наместо путер се употреби маргарин, тогаш ќе се добие посна верзија. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелена плазма (или бисквити по ваш избор), 300 г мелени ореви, 15 супени лажици вода (150 мл), 400 г шеќер, 1 маргарин (250 г), 100 г црно чоколадо. За глазура: 100-200 г црно чоколадо + 2-3 лажици масло
ПОСТАПКА: 400 г шеќер ставете во едно тенџере, па сипете 150 мл вода. Можеби ќе ви се чини дека тоа е малку вода, но потребно е да се добие густ сируп. Тенџерето ставете го на оган и загревајте на умерена температура.
Можете веднаш да го додадете маргаринот или штом започне шеќерот да се растопува. Мешајте полека додека сите состојки да се растопат, а смесата да зоврие. Од моментот на зовривање варете го сирупот уште минута-две.
Потоа исклучете ја ринглата и додајте ги мелените плазма (бисквити) и мелените ореви или лешници. Мешајте со лажица со тенџерето врз топлата рингла, сè додека да се соединат состојките во изедначена, хомогена смеса.
Еден калап со средна големина намастете го со масло на дното и ѕидовите, па излејте во него половина од топлата смеса. Распоредете рамномерно и израмнете. Во вториот дел додајте го црното чоколадо искршено на коцки, и мешајте додека сè уште е топло, да се растопи и соедини.
Ако во меѓувреме смесата малку стврднала и се оладила, само додајте сосем малку топла водичка за да се разреди и промешајте до соединување, а тенџерето вратете го на топла рингла (на ниска температура).
Дополнително, белата смеса натапкајте ја со лажица или дното на чаша за да се добие поцврста/погуста основа, а потоа одозгора излејте ја кафеавата смеса, рамномернотно распоредете и израмнете. Повторно притиснете со дното на некоја чаша за да се притисне добро и кафеавиот дел.
Оставете да се олади, а во меѓувреме пригответе ја глазурата од чоколадо, кое се растопува на пареа или во микробранова печка со малку масло за сјај. протресете го малку калапот за да се израмни глазурата, па оставете најмалку 2 часа во фрижидер пред сечење и послужување. При сечење користете нож загреан во топла вода и пребришан пред секој засек. Деталите погледнете ги ОВДЕ.