Оваа торта е чиста сензација, а кога ќе ја направите ќе се уверите и зошто. Има одличен пресек и многу е вкусна, просто се топи секој залак. Прилично е евтина, па секој може да си ја дозволи. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г лешници (потпечени, излупени, крупно насечкани) – 1.ред. За кора – 2.ред: 6 белки, 6 лажици шеќер, 6 лажици брашно
За крем, жолт и чоколаден: 6 жолчки, 100 г шеќер, 2 кесички пудинг од ванила (2х40 г), 2 лажици брашно, 1 литар млеко, 2 кесички ванилин шеќер (2х10 г), 250 г путер/маргарин, 100 г шеќер во прав
За чоколаден крем: 100 г чоколадо за готвење. Ред нутела: 200 г нутела. Ред биксвити: 150 г бисквити. Ред шлаг: 500 мл слатка павлака за шлаг
ПОСТАПКА: Загрејте ја рерната на 180 степени. Лешниците кратко потпечете ги во тава, изладете ги, со триење меѓу дланките излупете ги, па ставете ги во кеса и со чекан или оклагија искршете ги.
Во калап ставете хартија за печење, а ѕидовите намастете ги со путер и наросете малку брашно. Истресете го вишокот брашно, па ставете ги лешниците како прв слој.
За кора: белките изматете ги во цврст снег, додајте шеќер и матете додека да се растопи и да добиете цврст снег кој не паѓа кога ќе го превртите садот.
Со лажица промешајте го брашното со нежни движења, па смесата распоредете ја во калапот врз лешниците, и ставете да се пече 10-тина минути во загреана рерна.
Кога кората ќе излади, свртете ја така што лешниците да дојдат од горна страна, па вратете назад во калапот и вратете го обрачот за полесно да ги редите останатите слоеви на тортата.
Малку загрејте ја нутелата за да биде течна, па премачкајте преку слојот лешници. Врз нутелата наросете бисквити неправилно искршени.
За крем: на тивок оган сварете 800 мл млеко, а настрана изматете 2 жолчки со шеќер и прашокот од 2 кесички пудинг од ванила, 2 лажици брашно и 200 мл млеко. Кога млекото ќе зоврие, сварете ја смесата со постојано мешање додека да згусне.
Изладете го кремот со повремено мешање за да не фати кора (или ставете го садот во поголем сад полн со ледена вода, за побрзо да ви излади/ или преклопете го со стреч фолија).
Во друг сад пенесто изматете го путерот со шеќер во прав па додајте го во изладениот крем, лажица по лажица и соединете со миксер. Врз бисквитите истурете половина од кремот.
Чоколадото за готвење растопете го на пареа, малку нека излади да не е врело, па додајте го во втората половина од кремот за да добиете кафеав крем кој ќе го распоредите врз жолтиот крем.
Тортата е најдобро да ја оставите преку ноќ во фрижидер убаво да излади и да се стегне.
За шлаг: изматете ја слатката павлака во цврст снег, извадете го обрачот и премачкајте ја тортата со шлаг. Декорирајте со кршен лешник.