Прочуеното италијанско сирење – моцарела можете да го приготвите и во домашни услови и тоа од само две состојки, за само половина час. Многу е повкусно, поквалитетно и поевтино од купечкото, само е потребно да набавите полномасно млеко за да ја има потребната маснотија.

рецепт 1

При употребата на домашната моцарела кога ќе ги приготвувате вашите омилени специјалитети, таа исто така, ќе се развлекува и го има препознатливиот вкус. Најубава е ако се приготви со домашно млеко, а уште повкусна е кога знаете дека сами сте ја приготвиле.

рецепт 2

Можеби нема перфектен изглед, зашто потребна е пракса со рацете за да се направат мазни топчиња, но и тоа се постигнува со текот на времето. Приготвивме неколку верзии за домашно приготвување на моцарела, па вие одберете која најмногу ви одговара. Еве што ви е потребно:

рецепт 3




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 литри непастиризирано млеко и 4 лажички оцет 9%

РЕЦЕПТ 2 (на Клеопатра87) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 лажичка лимонска киселина + 60 мл ладна вода, 1 лажичка сириште + 30 мл ладна вода, 1.5 литар домашно полномасно млеко (сириште можете да набавите во аптека, а млекото е најдобро да биде домашно – полномасно)

РЕЦЕПТ 3 (со видео презентација) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3.7 литри полномасно млеко, 1.5 лажичка лимонска киселина + 250 мл вода, 0.5 лажичка сириште + 60 мл вода, 1 лажичка сол




ПОСТАПКА за рецепт 1: млекото загрејте го, но не треба да биде премногу врело. Идеална температура е онаа во која можете да го држите прстот без да се изгорите. Додајте 4 лажички оцет полека мешајќи непрекинато. Овој процес се одвива полека, па затоа бидете трпеливи.




Мешајте додека млекото да почне да се одвојува и да се создаваат сè поголеми грутки. процедете го низ раце и обликувајте топка, па ставете ја во загреана вода (или течноста-сурутката која останала, само загрејте ја малку за да биде топла).




Сирењето држете го во врелата вода 5 минути, па исцедете го повторно со раце. Потоа вратете го, малку промешајте, исцедете и повторете ја оваа постапка два до трипати. Потоа топката сирење ставете ја во ладна-ледена вода, минута-два.




Совет е во водата да ставите неколку коцки мраз за да биде што поладна. Извадете го сирењето, исцедете го, па повторете ја оваа постапка два до трипати. После тоа сирењето е спремно за употреба. Следи постапката од вториот рецепт во детали:




ПОСТАПКА за рецепт 2: лимонската киселина помешајте ја во 60 мл ладна вода, а сириштето во 30 мл вода. Млекото ставете го да се загрева на најниската температура, па додајте ја лимонската киселина. Млекото загрејте го до 32 степен (еднав да е млако). Ако немате термометар обидете се приближно да ја погодите температурата.




Додајте го сириштето и полека мешајте 30 секунди. Поклопете, тргнете го тенџерето од оган и оставете го да отстои 5-10 минути. По изминатото време треба да е згуснато. Исечете го на коцки, полека промешајте и загрејте го на 43 степени. Кога ќе се загрее до таа температура (а тоа е за само 2-3 минути), твдата содржина извадете ја и ставете ја на цедалка.




Лесно влечете го сирењето со помош на рацете кон средината за да може убаво да се процеди од течноста. Исцедената течност вратете ја во тенџерето и ставете на оган да се загрее до 85 степени. Кога ќе ја достигнете таа температура (пред зовривање), исклучете го огнот и ставете ракавици.




Со решеткава лажица потопувајте ги парчињата сирење во врелата течност 30 секунди. Вадете ги, исцедете ги и развлечете ги со раце, па повторно потопувајте ги накратко.

Постапката повторете ја неколкупати додека да забележите дека сирењето станало еластично и лесно се развлекува. Кога ќе забележите дека е еластично, обликувајте ја моцарелата во поголеми или помали топчиња по желба. Деталите од третиот рецепт погледнете ги ОВДЕ.