Двапати по ред ја правев оваа пита-палачинка, завиткана и филувана како ролат. Ја направив за појадок, па толку многу им се допадна на мајка ми и татко ми што ја направив после и за ручек. Рецептот е многу лесен за правење, може секој да го направи. Мајка ми сега ѝ кажуваше на тетка ми колку многу било вкусно, па и таа го побара рецептот.
Има вкус на палачинка, оваа кора за пита е толку многу вкусна. Се чувствува кремастиот вкус на јајцата, а кога ќе се филува, се прави прекрасен ролат кој може да се послужи за појадок, ручек или вечера. Рецептот го најдов на каналот „Мој Агол.“ Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СМЕСАТА: 5 јајца, 1 лажичка сол, 400 мл млеко (2 чаши), 1 лажица растопен путер, 190 г брашно. ЗА ФИЛОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 2 лажички крем сирење или обично дробено сирење, 2 лажици павлака, малку сол, 100-150 г чајна или некое друго сувомеснато.
ПОСТАПКА: Јајцата, млекото и путерот треба да бидат остојани на собна температура минимум 1 час пред подготовка на питата. Во подлабок сад пенасто изматете пет јајца со 1 лажичка сол со жица/маталка. Кога јајцата ќе се разбијат, додајте 2 чаши млако млеко и повторно соединете.
Промешајте добро да се изедначи, па додајте го 190 г меко, бело брашно. Брашното додавајте го на два или три наврати, додека константно ја мешате смесата со жицата. Изматете додека целосно да се соединат состојките и да добиете изедначена, мазна смеса без грутчиња (како густа смеса за палачинки).
На крајот, додајте 1 лажица растопен путер, па повторно соединете додека смесата да стане со мазна конзистентност. На плех од рерна со стандардна големина обложете хартија за печење и излејте ја смесата. Нежно протресете го плехот за да излезат акумилираните гасови, со претпазливост смесата да не ви се истури. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, па питата печете ја околу 20-25 минути, но можеби ќе треба и повеќе, во зависност од рерната. Повремено проверувајте ја питата.
Питата ќе има меурчиња по печењето, а може и малку да спласне. Кога ќе се испече извадете ја од плехот со хартијата, превртете ја и отстранете ја хартијата, па ставете да се олади. За тоа време пригответе фил по ваш вкус, или едноставно премачкајте со крем сирење и свиткајте во ролат. Јас филот го направив со 2 лажици крем сирење (Абц), 2 лажици кисела павлака, измешав, дегустирав и посолив по вкус, па додадов ситно исечкана чајна.
Премачкајте го филот преку превртенара кора рамномерно и нежно, па завиткајте во тенок ролат од пократката страна, а помогнете си со хартија за печење. Откако ќе го свиткате ролатот оставете го половина час да се стегне во фрижидер, а потоа одозгора декорирајте го по ваш вкус, но и не мора. Јас го прескокнав овој чекор.
Оваа пита-палачинка оригинално се прави со путер во основата, не се става масло. Поради различната конзистентност не се препорачува путерот да го замените со масло кога правите смеса за тесто, што може да резултира со различна текстура, односно тестото да биде повлажно и да не се подигнат меурчиња како што е вообичаено за овој рецепт. Деталите од целата постапка погледнете во видеото ОВДЕ.