Се чини дека денес гостите повеќе ги ценат ордеверите отколку класично подготвените јадења за ручек од печено месо со гарнир. Ордеверите нудат разноликост во вкусовите, декоративни се и многу вкусни. Овојпат ви предлагаме да подготвите предјадења со облик на пита.

рецепт 1

Првиот рецепт („пита-ордевер“) се приготвува многу брзо, со употреба на готово (купечко) тесто-кора, а во вториот („пита-сарма“), можете да го употребите истото тоа готово тесто за пократка постапка, или пак сами да си го замесите. Испробајте ги и едниот и другиот начин, ќе бидете презадоволни од резултатот, а гостите ќе бидат воодушевени. Еве што ви е потребно:

рецепт 2




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г готово лиснато или обично тесто, 120 г шунка сечена на тенки листови, 20 г зелени перца од млад кромид, 150 г моцарела или кашкавал по ваш избор, 50 г пармезан, сол, црн и црвен пипер во прав по вкус, 1 јајце за премачкување

рецепт 1

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кисела зелка, 1 главица кромид, 500 г мелено месо, 50 г сланина, 50 г ориз, 100 мл вода, 3 полни лажици сечкан магдонос, сол, црн пипер, мешан зачин (вегета) по вкус.

рецепт 2

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто: 100 мл вода, 20 г свеж квасец (1/2 коцка), 1 лажичка шеќер, 350-400 г брашно, 1 јајце + 1 белка, 1 лажичка сол, 1 полна лажица кисела павлака, 100 мл јогурт. За премачкување: 1 жолчка + 1 лажица млеко и неколку капки масло, 50 г путер

тесто – рецепт 2




ПОСТАПКА: за рецепт 1: отворете го тестото врз работна површина, па преку целата површина на кората наредете листови тенко исечена шунка (секое парче малку да се надоврзува врз претходното за да се покрие целата површина). Одозгора посипете ситно сечкан млад кромид.




Моцарелата (или кашкавалот по ваш избор) изрендајте ја и распоредете ја рамномерно, а потоа и ситно ренданиот пармезан. Посолете и запиперете по вкус, па внимателно свиткајте го тестото во ролат. Отсечете ги краевите кои обично остануваат празни и потврди, па внимателно свиткајте го ролатот во прстен и спојте ги двата пресечени краја.




Со кујнски ножици сечете го прстенот на широки парчиња од надворешната страна, а потоа малку со рацете лепезесто отворете ги. Сечениот прстен префрлете го огноотпорен сад или тепсија претходно намастена со путер/маргарин на дното и страните.




Одозгора премачкјате ја питата со изматено јајце, а по желба наросете сусам или друго семе. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 25 минути или додека убаво да зарумени. Послужете со сос-салата. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:

рецепт 2




ПОСТАПКА за рецепт 2: испраната и исечкана кисела зелка издинстајте ја на малку масло и вода за да омекне. На малку масло испржете го кромидот, додајте мелено месо, па динстајте со повремено промешување додека месото да ја промени бојата. Со лажицата бутнете го месото на едната страна од тавата, па додајте ја сечканата сланина малку да се запржи.




Додајте го испраниот ориз, топлата вода, па динстајте на ниско умерена температура уште 10-тина минути. Потоа додајте го претходно омекнатата кисела зелка, ситно сечкан магдонос, црн пипер, сув зачин и сол по вкус. Филот е готов, па можете да продолжите со подготовка на питата ако имате готово тесто, а ако сами го подготвувате, еве ја постапката:




Помешајте топла вода, квасец и шеќер. Додајте една лажица брашно, промешајте сето да се растопи и оставете 10-тина минути на топло место додека квасецот да се активира и запени. Потоа замесете го тестото со преостанатите состојки, обликувајте го топка и оставете го покриено да стасува додека да го удвои волуменот.

Калап со пречник 26 см намастете го, дното обложете го со хартија за печење, а страните набрашнете ги. Стасаното тесто развлечете го во кора поголема од калапот, поставете ја како на фотографијата и избоцкајте ја со виљушка. Сипете го филот и преклопете ја кората со набори. Премачкјате со жолчка и распоредете ситно сечкан путер.

Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени 40-тина минути. Кога убаво ќе зарумени, одозгора ставете алу-фолија за да не поцрни премногу и продолжете со печењето. Оставете да се олади па сечете на парчиња, но ако сте нестрпливи како моето семејство, послужете веднаш. Рецепт на Зорка / Сооlinarika.соm