Ова е рецепт за уникатна торта која по вкус не се споредува со ниедна друга. По рецептот на „Готвиме лесно“ ја направив оваа торта за роденденот на сопругот и излезе феноменална. Сите мислеа дека сум ја купила од некоја слаткарница и ме прашуваа од каде е. Некои не ми веруваа дека јас сум ја направила од што беше вкусна.
На сите им кажав дека лесно се прави, а тоа што има богат вкус, се должи на тоа што тортата се подготвува од многу вкусни кремови. Првиот крем се премачкува на првите две кори, а вториот само на последната кора и околу целата торта. Филовите се кремасти, едниот со вкус на плазма, а другиот со крем сирење, јас користам маскарпоне. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА: 4 јајца, 8 лажици шеќер, 100 мл масло, 150 мл млеко, 8 полни лажици брашно (160 г), 2 лажици какао во прав (40 г), 1 кесичка прашок за печиво, 3 лажици мелени ореви, 1 кесичка ванилин шеќер.
ЗА ПРВИОТ ФИЛ: 150 г путер или маргарин, 100 г шеќер во прав, 200 г мелена плазма, 250 мл млеко. ЗА ВТОРИОТ ФИЛ: 250 г крем сирење (маскарпоне или некое друго кремасто сирење), 1 кесичка ванилин шеќер, 180 г нутела или 3 полни лажици. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 2 лажици мелени или ситно сечкани ореви.
ПОСТАПКА: Пред подготовка на кората, се оставаат јајцата и млекото да се стоплат на собна температура. Во еден подлабок сад скршете ги четирите јајца, додајте 8 лажици шеќер и започнете да ги матите додека шеќерот да се растопи, а јајцата да станат пенасти.
Постепено започнете да додавате 150 мл од млакото млеко, како што непрекинато матите со миксерот. Смесата треба да станува поретка и да се разредува, како што го додавате млекото. Потоа се додаваат сувите состојки, кои е важно да бидат просејани, за да не се направат грутчиња.
Постепено додавајте 8 полни лажици брашно, 2 лажици какао и 1 кесичка прашок за печиво. Откога ќе се додадат сувите состојки, соединете ја смесата со шпатула во еден правец, а ако ви е полесно можете и со миксер, на најмала брзина, за смесата да не спласне. На крајот се додава ванилиниот шеќер и мелените ореви и сѐ се соединува во течна, еднолична и мазна смеса.
За печење на кората ќе ви биде потребен еден плех со димензии 40х30 см каде што треба да ја излеете целата смеса и рамномерно да ја распоредите врз хартија за печење. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени и печете ја околу 20 минути, со повремено проверување, да не ви загори, бидејќи кората е тенка, па во појака рерна може да се испече и побрзо.
По печењето, оставете кората малку да се олади, а потоа поделете ја на 3 еднакви делови по должина или ширина, во зависност од тоа дали сакате подолга или поширока торта. Во меѓувреме подгответе го првиот фил: 150 г путер или маргарин соединете ги со 100 г шеќер во прав и измешајте со виљушка.
Потоа со миксер уште малку изматете додека путерот да стане кремаст, па додајте 200 г мелена плазма и 250 мл млеко. Млекото додавајте го постепено додека непрекинато матите со миксерот. Смесата треба да биде компактна и лесно да се размачкува како крем, по неколку минути матење со миксер ќе го добиете овој ефект.
Првиот фил се дели на два делови, половина се премачкува врз првата кора, а половина врз втората. Одозгора доаѓа третата кора која треба да ја премачкате со следниот фил. ЗА ВТОРИОТ ФИЛ: 250 г маскарпоне соединете го со ванилиниот шеќер. Постепено додавајте ја нутелата и убаво соединете ги сите состојки.
Со овој фил се премачкува цела торта, па се става во фрижидер на неколку часа да се олади, а пред послужување може да ја декорирате со мелени ореви, но и нема потреба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.