Испробајте го овој рецепт за бурек со сирење наречен „турбан бурек“, нема да се покаете. „Моето летување обично не се сведува само на одмор. Обично истражувам и го испитувам локалното население на нивните традиционални рецепти. А доколку во близина има и пекарници, честопати со нив разменувам рецепти.

Така беше и овојпат, па дури и обработив цела една смена во пекарницата. Многу работи научив и она што може да се приготви во домашни услови, ќе се обидам да го пренесам. Патем научив и неколку рецепти за вкусни јадења, па искрено се надевам дека ќе ви се допадне“, вели Валентина во нејзината презентација. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл вода, 1 белка, 30 г свеж квасец, 50 мл масло за готвење, 1 мала лажичка шеќер, 2 мали лажички сол, 4 чаши (од 200 мл) брашно (меко тип 400), 150 г маргарин или путер, 300-400 г сирење, 1 жолчка




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 250-300 мл млака вода, белка од едно јајце, 30-40 г изронет свеж квасец, 50 мл масло, една рамна лажичка шеќер и две лажички сол. Сето измешајте го со кујнска жица-маталка додека да се растворат состојките.




Потоа додајте четири чаши брашно и полека промешајте со маталката додека брашното да ги впие течностите. Покрај себе имајте подготвено чаша со 100 мл млако млеко или вода, во случај ако смесата ви е премногу сува, но во мојот случај не треба да се додаваат дополнителна течност.




Доколку смесата ви е премногу мека, тогаш додајте уште сосем малку брашно за да може да се измеси компактно тесто средно меко по густина. Потоа тестото истресете го на набрашнета работна површина и добро измесете го (уште 3-5 минути).




Тестото поделете го на три приближно еднакви дела. Секој дел обликувајте го во топка и поставете го врз чинија наросена со малку брашно. Покријте ги со кеса или фолија и оставете ги да ги одморат 10-тина минути.




Потоа земете едно тесто и набрашнете го добро, па развлечете го во колку можете потенка кора. Растопете 150 г путер или маргарин (за секоја кора по 50 г), па премачкјате ја кората преку целата површина. Премачканата кора преклопете ја на половина или четвртина ако ви е полесно и оставете ја на некаде на страна, за да можете да ги развлекувате и другите две теста.




На ист начин постапете и со одтанатите две теста: развлечете ги во тенка кора и премачкјате ги со растопениот путер. Кога ќе ја развлечете третата кора и ќе ја премачкате, одозгора наросете ситно сирење. Потоа отворете една од претходно развлечените кори и поставете ја врз сирењето.




Наросете ситно сирење и преку оваа кора, па на крај преклопете ја со последната преостанатата кора. Не грижете се доколку корите при одиплувањето некаде ви се скинат, зашто сето тоа ќе се покрие, сече и витка. Потоа трите кори една врз друга, исечете ги на тенки ленти со широчиња од 1-1.5 см.




Потоа започнете од едната страна да ги повлекувате лентите со двете дланки како да виткате ролат. Насочувајте се малку дијагонално за да добиете што подолг ролат. Потоа нежно свиткајте го малку самиот ролат за да биде компактен, но не притискајте премногу. Свиткајте го во вид на полжав, а по потреба отстранете ги празните крајчиња.




Вака спакуваниот „турбан“ ставете го во рамна чинија, покријте го со кеса и оставете го во фрижидер да отстои 10-15 минути. Потоа истресете го врз парче хартија за печење и со набрашнети дланки малку развлечете го. Потоа развлечете го уште малку со оклагија.

Префрлете ја питата во плех заедно со хартијата, премачкјате ја со една жолчка, наросете со сусам или ким и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени 35 минути или додека убаво да зарумени. Деталите погледнете ги ОВДЕ.