Замесете, свиткајте и печете. Брза погача како полжав (пита), наполнета со крем сирење и спанаќ. Без растење и чекање на тестото, за 15 минути го замесувате тестото. Ова е еден од побрзите рецепти кога немате многу време. Едноставна подготовка, а питата е толку мека и вкусна, семејството ќе биде воодушевено од неодоливиот вкус, по рецептот на Сања од Аурорина Кујна. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно, 300 мл млака вода, 1 кесичка сув квасец или 30 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 3 лажици кисела павлака или кисело млеко, 40 мл масло, 1 јајце, 1 лажичка сол. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ Е ПОТРЕБНО: 150 г путер, а исто така можете да користите маст или масло. ЗА ФИЛОТ: 200 г ситно сечкан спанаќ, 200 г крем сирење.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад каде што ќе го замесувате тестото, ставете половина од брашното и на средина направете вдлабнатина. Во бунарчето ставете го сувиот квасец (или свеж), додајте го шеќерот и половина од млаката вода. Промешејте ги состојките само на средината, па оставете да отстојат 5 минути, додека квасецот да се активира.
Потоа во истиот сад додајте го јајцето (на собна температура) и постепено додајте уште 150 мл вода. Се додаваат маслото и киселата павлака (или киселото млеко, според ваша желба). Во истиот сад се додава една лажичка сол. Целата смеса се замесува со рака и постепено се додава брашно, додека да се формира мазно и меко тесто.
Откако ќе се замеси тестото, се префрла на набрашнета работна маса и се меси додека да се добие убаво и меко тесто, кое нема да се лепи под прстите. Тестото не се остава да нараснува. На работната површина се става малку масло и тестото се дели на 8 или 10 еднакви делови.
Од секој дел се формираат топчиња и се оставаат неколку минути да нараснат покриени одозгора со проѕирна фолија. По неколку минути се зема едно топче и се развлекува со рака на набрашнета површина (по потреба се додава брашно) и се премачкува со путер или масло, а потоа се става другото развлечено топче одозгора.
За ова не ви е потребна оклагија, тестото е толку меко и еластично што со малку масло лесно се тегне. Постапката се повторува додека има топчиња, едни преку други. Откога ќе се наредат топчињата едно врз друго се оставаат 5 до 10 минути да отстојат. Што повеќе слоеви имате, толку повкусна ќе биде погачата.
Во меѓувреме можете да го подготвите филот. Спанаќот измијте го добро и оставете да се исцеди од течноста. Потоа, во него додајте го крем сирењето, измешајте и дегустирајте, а по потреба посолете. Откако ќе отстои тестото може да се развлече со оклагија во правоаголна, тенка кора.
После развлекувањето се премачкува со путер или масло. Со филот од спанаќ и крем сирење се премачкува целата пита. Потоа се сечат ленти со приближно 4-5 см ширина. Секоја лента ја преклопувате по должина на половина и ја виткате во мал ролат (како на сликата).
Кога ќе ја превиткате првата лента ја ставате врз втората и виткате повторно и така додека да ги потрошите целите ленти, да се добие поголема погача, со изглед на вртена пита-полжав.
Не е потребно притискање за да биде воздушесто откога ќе се испече. Погачата се става во тавче со пречник од 33 см и се остава 15-тина минути да нарасне, покриена, додека рерната се чека да се загрее на 200 степени. По изминатото време, се премачкува со изматено јајце и се става на печење 30-тина минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.