Ова е еден стар рецепт за Банини колачи кои уште се нарекуваат и „Милион”, бидејќи излегуваат навистина многу. Колачите се многу вкусни и ровки, се топат во уста. Откога го добив овој рецепт од пријателката Ана, не може да помине ниту една слава, Божиќ, Велигден, роденденили било каква друга пригода, а да не ги направам овие колачиња.
Првпат кога ги направив, детето ми рече: Мама, не можам да изедам само едно, постојано ме теpа да изедам уште едно, уште едно…” Колачите се многу вкусни, лапни голтни, неодоливи. Во продолжение прочитајте што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г брашно, 250 г мелени ореви, 250 г шеќер, 250 г маргарин или путер, 2 жолчки. За фил: чоколадо, еурокрем, џем, пудинг или крем по ваш вкус
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 2 мали шолји (од 100 мл) шеќер, 3-4 кесички ванилин шеќер, 2 мали шолји масло, половина кесичка прашок за печиво (5 г), 6 мали шолји брашно (или 4 шолји брашно + 2 шолји мелени ореви), 2 лажици џем од кајсии, малку сок и кора од лимон
ПОСТАПКА за рецепт 1: од сите наведени состојки замесете компактно тесто. Ако ви се чини дека тестото е многу меко, додајте уште малку брашно, но обично нема потреба, бидејќи соодносот на состојките е совршен.
Откако ќе го замесите, тестото оставете го да одмори во фрижидер приближно еден час, треба добро да биде изладено за да се стегне. Потоа кинете мали парчиња и обликувајте мали топчиња, па редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Оставајте растојание помеѓу нив, бидејќи тие малку ќе се рашират во текот на печењето. На секое топче втиснете мало дупче кое би требало да биде приближно колку дебелина на молив. Во можете да го правите со прст, но најдобро со дршка од дрвена лажица.
Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 150 степени (практично повеќе се сушат), но не подолго од 15-тина минути. Од оваа количина треба да излезат 4 плехови. Колку ќе ги правите помали колачињата, толку поубави излегуваат.
Кога колачите ќе изладат, наполнете ги со растопено чоколадо, џем, нутела или со крем по ваша желба. Наместо мелени ореви во тестото можете да ставите бадеми или лешници или комбинација од сè по малку. Следува постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: изматете ги најпрво јајцата, додајте шеќер и ванилин шеќер. Добро изматете додека тој да се растопи и смесата да стане кремаста, па во тенок млаз додајте го маслото, па намалете брзина и додајте брашно помешано со прашок за печиво.
На крај додајте ситно рендана кора од половина лимон (за цитрусна арома). Брашното може да го измешате со мелени ореви, така се помеки и поубави според мене. Кинете по малку од тестото и формирајте топчиња.
Со дршка од дрвена лажица правете дупче во средината од секој колач кој потоа се полни со џем: две лажици џем се разматуваат со малку лимонов сок за полесно да се полнат дупчињата. Се печат 20-тина минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Едноставно а толку вкусно. Ако случајно се лепи тестото, тогаш дланките малку се набрашнуваат. / Сооlinarika.сom