Овие погачици сите ги сакаат. Помеки се од памук и многу се вкусни. Некогаш ги јадеме наместо леб, а некогаш за појадок со сиренце или чаша јогурт, можат со сè да се комбинираат. Многу често ги правам, речиси секој ден, па дури ги носам и на гости, зашто сите ги сакаат. Брзи се и едноставни, а се прават со состојки кои ги имате во кујна. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 180 мл млако млеко, 2 јајца, 60 мл вода, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка шеќер, 2 лажички сув квасец (1 кесичка од 10 г), 50 г растопен путер, 1 жолчка + 2 супени лажици млеко – за премачкување на погачиците.
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 г брашно, 250 г свежо сирење (крем сирење), 2 јајца, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка шеќер, 50 мл вода, 30 мл мек путер и малку млеко за премачкување, сусам за наросување
ПОСТАПКА за рецепт 1: Во подлабок сад за месење ставете 500 г брашно, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер и 2 лажички сув квасец. Убаво промешајте за да се изедначат состојките. Потоа додајте 180 мл топло млеко, 60 мл топла вода и на крај 50 г растопен путер и 2 изматени јајца (со виљушка).
Замесете со рака убаво меко и мазно тесто. Месете околу 3-4 минути додека да ја постигнете еластичноста, а тестото да не се лепи и да стане мазно. Доколку ви се лепи, додајте сосем малку брашно и продолжете со месењето, но не претерувајте премногу зашто ќе добиете тврдо тесто.
Тоа треба да биде меко и сосем малку лепливо, но затоа пак, кога ќе се ипечат погачиците, тие се помеки и од памук. Покријте го со проѕирна-стреч фолија или кеса и оставете го половина час да стасува на собна температура додека да го удвои волуменот.
Потоа тестото префрлете го на работна површина и наросете сосема малку брашно и формирајте валјак. Пресечете го на 10 приближно еднакви делови, а од секој дел обликувајте топче или валјак. Редете ги во плех обложен со хартија и премачкајте ги со мешавина од жолчка и млеко.
Одозгора наросете сусам и оставете 15-тина минути за да може тестото да одмори. За тоа време вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Погачиците печете ги околу 15-20 минути или додека да заруменат, во зависност од вашата рерна. Деталите можете да ги погледнете ОВДЕ.
ПОСТАПКА за рецепт 2: сите состојки за тестото соединете ги и замесете ги. Пригответе плех обложен со хартија за печење. Добиеното тесто истресете го на побрашнета работна површина, малку доработете го, па поделете го на 12 приближно еднакви делови.
Секој дел обликувајте го во топче, па малку сплоснете го со дланката за да добие облик на лепиња. Редете ги на плехот и веднаш премачкјате ги со малку млеко и одозгора наросете ги со сусам или семки по желба. Направете по два-три плитки засеци одозгора, па ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, 25 минути. Рецепт на Медина.