Многу одамна го добив овој рецепт кој многу ми се допадна. Колачот го пробав на една прослава од работа, а го донесе една колешка која го имаше направено специјално за тој настан.
Сите бевме воодушевени кога го пробавме, па ја замоливме да ни го напише рецептот. Јас бев задолжена да одам во фотокопирница и да направам повеќе копии за сите што го побараа. Потоа, сите колешки го правевме и стана xит на работа. Ми се чини дека тој период речиси секој ден го подготвував.
Потоа малку го подзаборавив овој колач, но рецептот го препишав во мојот тефтер. Му го немав запишано името, па вчера додека гледав телевизија се сетив на него и веднаш станав да го направам. Се воодушевив и имав заборавено колку брзо се подготвува, па си го нареков „За секој момент.“ Колачот малку потсетува на бисквитните сочни колачи. Еве што ви е потребно за да си го подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 750 мл млеко, 2 пудинзи од ванила, 5 лажици шеќер. ЗА КОРА: 1 јајце, 250 мл млеко, 50 мл масло, 10 лажици шеќер, 10 лажици брашно, 1 лажичка какао, 1 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер. ЗА КРЕМОТ: 200 мл слатка павлака, 2 шлаг креми, 1 лажичка шеќер, мелена плазма и чоколадни топчиња за декорирање.
ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете 3 чаши од по 250 мл млеко. Додајте ги кесичките со пудинг од ванила и 5 лажици шеќер. Со повремено мешање гответе на умерена температура додека да направите класичен пудинг, како што секогаш подготвувате. Откога млекото ќе зоврие, започнете со константно мешање додека пудингот да згусне.
Кога ќе ја добиете посакуваната густина, тргнете го тенџерето од рингла и оставете настрана да се излади. Покријте го пудингот со пластична фолија за да не фати коричка, додека се лади. Во меѓувреме подгответе ја кората.
ЗА КОРА: Во еден сад скршете едно јајце и малку разматете го со жица/маталка да се разреди. Додајте 250 мл млеко, 50 мл масло, 10 лажици шеќер и изматете ги состојките до соединување. Јајцето и останатите состојки кои вообичаено се чуваат во фрижидер треба да отстојат минимум 1 час на собна температура пред подготвување на колачот.
Потоа додајте го брашното, какаото и ванилиниот шеќер и убаво соединете ги состојките додека да се направи мазна, чоколадна смеса без грутчиња. На крајот додајте го и прашокот за печиво. Смесата се меша во 1 правец додека да се разреди како стопено чоколадо и да стане хомогена.
Во плех со димензии 20х30 см обложете хартија за печење и излејте ја смесата која ја подготвивте. Пред да ставите на печење, црпете од ладниот пудинг со лажица и додавајте го насекаде низ чоколадната смеса. Ова е тајната на кремастиот вкус, а покрај тоа изгледа многу декоративно. Малку промешајте со лажица и печете во претходно загреана рерна на 220 степени додека убаво да се испече однатре, а потоа оставете да се олади.
ЗА КРЕМОТ: Слатката павлака изматете ја со кесичките шлаг и шеќерот додека да се направи цврст шам. Може да додадете ванилин екстракт во шлагот. Потоа ставете уште 50 мл млеко (опционално) и направете убав крем. Кремот се премачкува врз превртениот колач на рамната страна која се печела одоздола.
Кремот убаво се измазнува со шпатула, а одозгора се декорира со мелени бисквити, а како што ќе сечете парчиња од колачот на средина ставете по 1 чоколадно топче или декориајте по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.