Гулаш е едно од омилените јадења со месо, бидејќи е многу сочно и вкусно. Може да се јаде со лажица или виљушка, да се натопува во него лепче и со сласт да се ужива во неговиот вкус. Многумина одбегнуваат да го приготвуваат зашто обично е потребно долго време за негова подготовка.




Следниот рецепт за гулаш со пилешко месо се приготвува многу побрзо, за разлика од гулашот со јунешко месо, а сепак е многу вкусно и сочно. Останатите состојки се речиси исти, а тоа значи дека треба да набавите повеќе кромид, покрај останатото.




Соодносот меѓу месото и кромидот е 2:1, па според тоа, прилагодете го и рецептот. Се приготвува без брашно и многу е важно добро да се зготви на ниска температура. Ако сакате почорбест гулаш, кога кромидот ќе се растопи, додајте 1 супена лажица брашно разматена во 200 мл вода, па крчкајте уште 15 минути на тивко. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г пилешко бело месо (филе), 300 г кромид (2 големи главици), 1 голем морков од 80-100 г, 2 чешниња лук или по вкус, 60 мл масло за готвење, 1 рамна супена лажица зачински црвен пипер во прав, сол, црн пипер и зачин (вегета) по вкус, 150 мл доматен сос, 100+400 мл вода, ловоров лист и кари по вкус




ПОСТАПКА: За подготовка на ова јадење ќе потрошите вкупно еден час и дваесет минути. Кромидот исечкајте го најситно што можете. Во длабока тава или тенџере сипете масло (50-60 мл) колку да се покрие дното, па загрејте го на умерена температура.




Додајте го сечканиот кромид и динстајте го неколку минути. Потоа додајте рендан морков, промешајте и продолжете со динстање уште 5-6 минути. Ситно исечкајте две чешниња лук (или повеќе), па додајте ги во омекнатиот зеленчук. Динстајте уште 2-3 минути.




Кога ќе испари сокот од зеленчукот, додајте 100 мл топла вода. Промешајте и продолжете со динстање на тивко, а за тоа време пилешкото месо исечкајте го на коцки со величина на залак или по желба. Кога водата ќе испари, во зеленчукот додајте го и месото.




Промешајте и динстајте додека месото да осветли и додека сокот кој го испуштил да испари, за 12-15 минути или во зависност од температурата. Потоа додајте една рамна лажица алева пиперка во прав, сол, црн пипер и зеленчуков зачин (вегета) по вкус.




Промешајте и динстајте уште кратко време колку да се соединат и изедначат вкусовите. Потоа додајте 150 мл доматен сос и залијте 400 мл топла вода. Додајте два ловорови листови, промешајте, поклопете и динстајте на тивко 45 минути со повремено промешување и проверување дали има доволно течност.

Ако додавате течност, по додавањето треба да крчка уште 15 минути. Ако е потребно додајте уште малку сол и кари по желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.