Малку е веројатно дека постојат такви кои не го сакаат бурекот. За многумина тоа е омилениот појадок или вечера, а често се јаде и како ручек. Разни пекарници го приготвуваат на разни начини, некаде е поубав и со повеќе фил, некаде помалку убав, но сите се еднакво сложни дека оној домашниот, е најубавиот бурек што постои.
Вистинско задоволство е во рака да се држи топол, домашен бурек , крцкав и сочен, преполн со вкусен фил. Не го пропуштајте следниот рецепт на Валентина за прелиен пита-бурек наречен „Чик“ или „Турски бурек“, кој се приготвува од неколку основни состојки. Тајната во неговата вкуснотија се крие во преливот подготвен од 3 состојки:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пакување готови кори за пита (500 г), 500 г мелено месо (јунешко), 2 главици кромид ситно сечкани, 1 рака ситно сечкан свеж магдонос, 1/2 ситно сечкана пиперка, 100 мл масло, сол и црн пипер по вкус. ЗА ПРЕЛИВ: 200 мл јогурт, 200 мл газирана вода, 4 јајца и сол по вкус (1 лажичка).
ПОСТАПКА: Кромидот исчистете го и колку што можете поситно исечкајте го (може да користите и блендер или „сечко“). Магдоносот измијте го, исцедете го од водата, а потоа исто така, ситно исечкајте го.
Во подлабок сад ставете го меленото месо, па додајте ги сечканиот кромид и магдонос. По желба додајте и половина или цела пиперка (лута или блага), колку што можете поситно исечкана (дава пикантен и многу убав вкус).
Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Месото зачинете го со сол и мелен црн пипер по ваш вкус, додајте 1-2 супени лажици масло или врела вода, па добро измешајте го со рака, за да се соединат додадените состојки.
Земете плех со средна величина и намастете го на дното и страните. На дното поставете две кори и малку испрскајте ги со масло. Распоредете малку од филот и повторно поклопете две кори. Напрскајте малку масло и повторно распоредете фил. Постапката продолжете ја додека да го потрошите материјалот.
Завршете со последните две кори чии краеви треба да се потпикнат внатре и да се спакува бурекот. Површината премачкјате ја со масло. Во посебен сад измешајте ги состојките за прелив и ако ви останало малку масло додајте го (10-20 мл).
Питата исечете ја на помали или поголеми коцки и рамномерно залијте ја со приготвениот прелив. Оставете ја 10-тина минути за да ја впие течноста, па ставете да се пече 25-30 минути или додека да зарумени. Деталите погледнете ги ОВДЕ.