Вкусни ќофтиња без месо, се прават многу лесно и едноставно, а од нив се cлабее. Се немав видено со мајка ми приближно цел месец, па кога отидов минатата седмица кај неа на гости, се изненадив кога видов колку беше ocлабена. Таа ми рече дека речиси секој ден ги јаделе овие ќофтиња со татко ми, а внимавале и на останатите висококалорични оброци. Овие ќофтиња вели дека се многу вкусни, заситуваат како цел оброк, а може да се послужат како главно јадење или предјадење.
Се прават од неколку состојки кои веројатно постојано ги имате во домот, па потоа се обликуваат и се пропржуваат на малку масло или се печат, колку да фатат коричка. Намирниците кои се користат се зеленчук, јајца, зачини, а се става и по 1 лажица брашно за полесно да се обликуваат ќофтињата. Постојат неколку верзии од овие ќофтиња, а овие два рецепти ги подготвува мајка ми. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 2 тиквички, 100 г ориз, 200 мл вода, 2 јајца, 1 лажица брашно, 2-3 чешниња лук, магдонос, сол, црн пипер и малку маслиново масло за пропржување. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 2 моркови, 1 главица кромид, маслиново масло, 100 г ориз, 200 мл вода, 1 јајце, 1 лажица брашно, сол, црн пипер, лебни трошки.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Тиквичките излупете ги, па изрендајте ги на најкрупната страна од рендето. Јас имам млади тиквички, па затоа не ги лупам. Изренданите тиквички ставете ги во еден сад и почекајте да ги испуштат своите течности. Потоа, исцедете ги со раце и префрлајте ги исцедени во друг, сув сад. Оризот сварете го со 200 мл вода на тивок оган, околу 15-20 минути.
Сварениот ориз оставете малку да се олади, па додајте го во садот со тиквички. Измешајте, па додајте едно јајце, соединете и додајте го и второто јајце. Треба да добиете компактна смеса. Ставете 1 лажица брашно, па добро измешајте додека сите состојки да се залепат една со друга. Зачинете по вкус со сол и црн пипер.
Исечкајте 2-3 чешниња лук на многу ситни парчиња, па додајте ги во смесата. Одберете неколку ливчиња магдонос, исечкајте, па и нив соединете ги во останатите состојки. Од вака подготвената смеса обликувајте плескавици со величина по ваша желба. Јас обично ги правам нешто поголеми од една лажица и со дебелина од 1 прст.
Пржете ги плескавиците во загреано и подмачкано тавче со маслиново масло. Пржете по неколку одеднаш, колку што ви собира во тавчето. Се пржат по 3-4 минути од секоја страна под капак, а ринглата треба да биде вклучена на средна кон висока температура.
За вториот рецепт постапката е многу слична, со единствена разлика што најпрво кромидот се сечка на ситни парчиња и се пропржува на малку масло на тивок оган, додека да омекне. Потоа, морковите се лупат, се рендаат и се пропржуваат малку со кромидот. По 10 минути готвење, со повремено промешување, смесата се трга настрана и се остава малку да се олади.
Останатата постапка е идентична со тоа што оризот претходно се вари, па сите состојки се соединуваат и се обликуваат плескавички кои се валкаат во лебните трошки, па се пропржуваат на истиот начин, како во првиот рецепт. Одберете го тој рецепт кој повеќе ви се допаѓа, ве уверуваме дека и двата се многу добри. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.