Ако се прашувате зошто овие ролнички ги нареков „најдобри во светот”, тоа е затоа што бев воодушевена од нивниот вкус и изглед. Меки се како душа, буквално како пуфка кога ќе ги фатите со прсти, а се погоди и сирењето, па сето излезе како совршена комбинација.
Сè на сè, од срце ви препорачувам да ги пробате овие ролнички со сирење и едвај чекам да ги слушнам вашите коментари. Постапката е многу лесна и едноставна, секој може да ги приготви, а кога ќе испечат мирисаат неодоливо и имаат златна боја. Еве што ви е потребно според рецептот на Драгана:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пакување готови кори за пита (500 г), 400 г сирење по ваш избор, 100 мл млеко, 40 мл масло, половина кесичка прашок за печиво (5 г), сусам за наросување, 3 јајца. Питата се пече во плех со средна величина на 200 степени околу 20 минути.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете едно јајце и изматете го со кујнска маталка-жица, па додајте 100 мл млеко, 40 мл масло и половина кесичка прашок за печиво. Повторно изматете за да се соединат убаво сите состојки.
За фил: изматете едно јајце со виљушка и додајте околу 400 г крем сирење. Може да користите и некое друго меко сирење, а ако е посуво додајте му малку кисела павлака за да омекне. Изматете да се соедини. Пробајте дали сирењето е доволно солено, а ако не е, посолете го.
Отворете ги корите и пребројте ги за да знаете приближно колку ролнички ќе добиете и соодветно на тоа да го поделите рамномерно филот. За една ролничка ќе ви бидат потребни три листови кора.
На работната површина отворете го првиот лист и премачкјате го со мешавината од јајце, млеко, масло и прашок за печиво. Најдобро е да користите силиконска четка за рамномерно нанесување. Премачканиот лист поклопете го со втор лист кора.
Потоа и него премачкајте го преку целата површина. Преклопете со третиот лист и на едната страна (подолгата) нанесете надолжно од филот со сирење. Потоа внимателно свиткајте ги трите кори заедно во една ролна. Вака приготвените ролати редете ги во намастен плех.
Одозгора премачкјате ги со прелив од едно јајце изматено со 2-3 лажици млеко и 1-2 лажици масло. Со остар нож исечете ги ролничките со големина по ваша желба. Одозгора наросете сусам.
Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 20-тина минути или додека да добија златна боја. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.