Ако сте љубители на качамак или бакрдан, а немате многу време да стоите над тенџерето додека се долго се вари според оригиналниот рецепт, тогаш запишете си го и овој рецепт за брз или мрзлив „качамк“ или „бакрдан“ како што се нарекува во некои крашита.
Може да го наречете и печен качамак, но верувајте по вкусот не заостанува воопшто зад оригиналниот. Секако, ниеден домаќин или домаќинка не сме мрзливи, туку едноставно понекогаш немаме доволно време.
Овој начин на подготовка за брз бакардан максимум ќе ви одземе 30 минути, од самиот почеток па сè до сервирањето. Супер идеја за викенд појадок, а некогаш и за ручек со пржено мевце, колбаси или џимиринки. Еве што ви е потребно според рецептот на Анастасија Деа Богданоска:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г пченкарно брашно, 1 рака обично брашно (јас ставив интегрално), 1 литар млака вода, 1 мала лажичка сол, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 2 јајца (може и без јајца ако правите посно јадење), 1 мал филџан за кафе масло (50-80 мл) и 1 путер (200 г – по потреба) за прелевање/попарување на качамакот
ПОСТАПКА: Во подлабоко тенџере загрејте еден литар вода, да стане млака, не треба да зоврие. Додајте една лажичка сол и промешајте за да се раствори. Во посебен сад измешајте ги двете брашна и една кесичка прашок за печиво.
Потоа направете вдлабнување во брашното и додајте две јајца (ако го правите јадењето посно, тогаш исклучете ги јајцата) и еден мал филџан за кафе масло. Постепено додавајте ја млаката вода и мешајте додека да добиете хомогена смеса (густа и полутечна).
Брашното лесно ја впива водата и не се создаваат грутчиња. Затоа таа не смее да биде врела, туку само замлачена. Добиената хомогена смеса излејте ја во плех со средна величина, претходно намастен со путер/маргарин и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени.
После 10 минути извадете го плехот од рерна и со виљушка промешајте го потпечениот качамак кој е доволно згуснат за да може да се рони. Вратете да го допече уште 10-15-тина минути, односно да излезе од него вишокот влага.
Откако ќе се испече убаво повторно извадете го рерна и внимателно издробете го со виљушка на поситни грутчиња, а потоа попарете го растопен путер. Путерот или маргаринот растопете го на ниска температура или во микробранова печка (внимавајте да не ви прегори). Рецепт и фото на Анастасија Деа Богданоска