Доколку ги сакате старинските рецепти за колачи и торти, тогаш сигурно ќе ви се допадне и оваа „моја креација“. Ги искомбинирав старото и новото и морам да признаам дека не очекував вакво совршенство. Вкусот е неодолив, а не можам да опишам и колку прекрасно мириса. Запишете си го рецепт и направете ја, нема да се покаете. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г ореви, 5 јајца, 1 прстофат сол, 150 г шеќер, 160 г брашно, 50 г скроб/нишесте/густин, 5 г прашок за печиво, 3 големи јаболка, сок од 1 лимон, 70 г шеќер, 1 супена лажица мед, 1 мала лажичка цимет во прав, 250 г варено кондензирано млеко (или нутела), 600 г густа к.павлака или изматена слатка павлака во шлаг или крем сирење




ПОСТАПКА: Оревите можете веднаш да ги исечкате во блендер на неколку пулса, но поубави се доколку претходно малку ги пропржите на сува тава за да добијат арома. Истостираните ореви оставете да се оладат, па исечкајте ги поситно и оставете ги настрана за подоцна.




Јајцата скршете ги во подлабок сад, додајте прстофат сол па пенасто изматете ги. Кога убаво ќе се запенат, започнете постепено да го додавате шеќерот. Матете доволно долго додека сиот шеќер да се растопи и јајцата да згуснат и станат кремасти (6-8 минути).




Во посебен сад измешајте го брашното, скробот и прашокот за печиво, а потоа просејте и постепено додавајте во изматените јајца. Мешајте со бавни движења додека смесата да се изедначи и стане хомогена.




Најпосле додајте ги сечканите ореви и уште еднаш полека промешајте. Калапот за торти (22 см) обложете го на дното со хартија за печење, а потоа целиот, и дното и страните намастете ги со путер. Излејте ја смесата и малку протресете за да се израмни и распореди (или со спирални движења поминете низ неа со стапче).




Ставете да се пече во добро загрезна рерна на 180 степени, приближно 40 минути. Најдобро е да проверите со долго дрвено стапче, зашто бисквитот нараснува висок. Кога ќе се олади отсечете му го врвот за да се израмни (потоа сомелете го за декорација) и поделете го на три тенки кори (користете нож или силиконски конец).




За филот јаболка: исечете ги на коцки, а шеќерот и медот ставете ги на тивок оган додека да се растопат и карамелизираат. Додајте малку цимет, па истурете ги јаболката и пропржете ги неколку минути.

За кремастиот фил може да користите варено кондензирано млеко кое е оладено и згуснато како пудинг со карамл-чоколадна боја, а може да користите и нутела. Пенасто изматете го со миксер, а потоа лажица по лажица во него додавајте кисела павлака. Може да користите и крем сирење или шлаг од слатка павлака.




РЕДЕЊЕ: најдобро е да поставите висок флексибилен обрач со висока силиконска лента или фолија. Ставете една кора, распоредете третина од кремот, половина од јаболката, па поклопете со втора кора. Повторете ја постапката и тортата оставете ја во фрижидер да се олади најмалку 3-4 часа. По отстранување на обрачот обложете ја целата торта со остатокот од кремот и наросете со трошки од мелениот бисквит. Деталите погледнете ги ОВДЕ.