Замесете ја оваа пита со која ќе уживате во секој залак. Внатрешната текстура е многу мека, како памук, а од надвор има тенка коричка која е помалку крцкава. Вкусот е неодолив, најмногу заради филот кој се подготвува со путер, масло и црвена зачинска пиперка. Сите дома ќе се најадете, а дури и да не сте гладни како мене, кога ќе замириса при печењето, ќе ви го отвори апетитот.




Сѐ што треба да направите е да ги соедините состојките за тестото, па потоа се остава да стасува, а во меѓувреме го подготвувате филот. Потоа само обликувате, редите и премачкувате. Постапката не е комплицирана, а доколку често месите пити, процесот ќе ви биде веќе познат, со неколку мали измени при редењето и премачкувањето. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: неколку перциња зелен кромид, 3 јајца, 1 чаша топла вода (200 мл), 1 кесичка сув квасец (10 грама), 1 лажица гранулиран шеќер (20 грама), 1 лажичка сол (8 грама), 4 чаши брашно (480 грама), 2 лажици растително масло (10 мл). ЗА ФИЛОТ: 2 лажици брашно (40 грама), 1 лажичка црвена зачинска пиперка, 1 лажичка сол (3 грама), 50 г путер, 5 супени лажици растително масло (50 мл), 200 г фета сирење. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 1 јајце (жолчка).




ПОСТАПКА: Младото кромитче исечкајте го на многу тенки листови, само зелениот дел. Ставете го сечканото кромитче во еден подлабок сад каде што ќе го замесите тестото, па скршете ги трите јајца. Јајцата треба претходно да бидат отстојани на собна температура. Додајте ја топлата вода, сувиот квасец и 1 лажица шеќер. Нежно промешајте ги состојките со лажица, па почекајте 2-3 минути, додека квасецот да се активира.




Потоа постепено започнете да го додавате брашното, измешано со солта. Додавајте го на неколку наврати до соединување и додека да се формира кашесто тесто. Замесете со лажица или со раце, како ви е полесно, па на крајот додајте го маслото. Соединете го повторно тестото и покријте го со пластична фолија. Оставете да нараснува 30-тина минути. Иако тестото може да биде сѐ уште лепливо, оставете да нараснува такво какво што е.




Во меѓувреме подгответе го филот: во едно помало тенџере растопете го путерот, заедно со маслото, на ниска температура, со внимание да не ви загори. Во една чинија измешајте го брашното, црвената зачинска пиперка и солта. Прелијте ги сувите состојки со загреаното масло и омекнатиот путер и измешајте. Настрана, во посебен сад издробете го фета сирењето и по потреба додајте сол. Може да користите и некое друго сирење.




По отстојување на тестото, префрлете го на рамна, набрашнета површина и домесете го уште малку додека да излезат акумулираните гасови и додека тестото да не се лепи под прстите. За тоа е потребно да го домесите уште сосем малку. Поделете го тестото на 6 делови, од кои едниот дел ќе биде поголем, а останатите 5 делови ќе бидат помали и исти по големина. Развлечете го со оклагија поголемиот дел, колку што можете потенко и по потреба додавајте си брашно.




Останатите 5 делови развлечете ги на истиот начин, но малку помали, со големина на чинија. Најголемото тесто премачкајте го со филот со помош на кујнска четкичка. На средина (колку што се големи останатите 5 кори) наросете од сирењето, кое треба да го поделите на 5 еднакви делови. Врз сирењето ставете го првото помало тесто, да се преклопи и повторете ја постапката со премачкување на филот и редење на сирењето, само врз помалото тесто.




Повторете ја постапката со сите останати теста, со тоа што врз последното помало тесто нема да ставите сирење, туку само ќе го премачкате со филот. Со околните страни од најголемата кора затворете ја последната кора на средина, како да пакувате поклон. Вака подготвеното тесто превртете го на плех, обложен со хартија за печење и пред печењето, премачкајте го со една жолчка или цело јајце.

Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 30-35 минути. По изминатото време, почекајте питата малку да се олади, па послужете ја топла. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.