Некои ги нарекуваат џиновски солени палачинки, некои големи пити со фил, но како и да се викаат не е толку важно бидејќи се многу вкусни. Целата подготовка одзема околу 5 минути, а потоа се ставаат на печење. Рецептот го најдов неодамна, па ми изгледаше многу привлечно и веднаш го направив. Сите што го пробаа многу ги пофалија. Може да се послужат како предјадење или самостоен оброк.




Сите состојки се во совршен сооднос, не би додавала, ниту би одземала некоја од состојките. Оној кој го смислил овој рецепт, да му се позлатат рацете. Сѐ што треба да направите е да го подготвите тестото, кое не треба да го месите со раце, се излева и малку е погусто. А додека тестото нараснува, се подготвуваат состојките за филот. Може да ставите фил по ваша желба, јас го правам најевтиниот и највкусниот фил со свежа зелка. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 2 јајца, 1,5 чаши топло млеко (300 мл), 1,5 чаши топла вода (300 мл), 1 лажица шеќер (20 грама), 1 лажичка сол (8 грама), 1 кесичка сув квасец (10 грама), 3 чаши брашно (360 грама). ЗА ФИЛОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: зелка (500 грама), 2 моркови, 1 компир, ситно сечкан магдонос.




ПОСТАПКА ЗА ТЕСТОТО: Јајцата, млекото и водата треба да бидат на собна температура. Во еден подлабок сад скршете ги двете јајца и измешајте ги со жица/маталка, додека да станат пенасти. Додајте ја солта и повторно измешајте. Прелијте со млакото млеко и млаката вода, па повторно соединете ги состојките. Во смесата ставете го шеќерот и квасецот, промешајте и почекајте 2-3 минути, додека квасецот да се активира.




На крајот, постепено започнете со додавање на брашното, додека непрекинато мешате со маталката. Важно е да не ви се направат грутчиња од брашното, затоа додавајте го на неколку наврати. Јас го ставам на три или четири пати, по малку. Потребно е да добиете густа и мазна смеса, без грутчиња, која може да се излева.




Вака подготвеното тесто затворете го добро со пластична фолија и оставете да нарасне колку што е потребно. Јас обично го ставам на радијатор и нараснува за 30 минути. Во меѓувреме подгответе ги состојките за филот. Како што напишав погоре, филот може да го правите и по сопствен вкус, а доколку сакате нешто поедноставно, но сепак многу вкусно, направете го следниот фил со зелка, компир, морков и магдонос.




ЗА ФИЛОТ: 500 г зелка исечкајте ја на правоаголници, со големина на јуфки. Ставете ја во еден подлабок сад и прелијте со врела вода. Оставете ја зелката да отстои 15 минути. На овој начин ќе добиете совршено нежна зелка, а притоа, таа ќе омекне и ќе биде многу вкусна. Морковот и компирот изрендајте ги на крупната страна од рендето, а магдоносот ситно исечкајте го. По отстојување на зелката, процедете ја од водата и соединете ги сите состојки за филот. По вкус, во филот може да додадете малку сол.




Надојденото тесто малку промешајте го за да излезат вишокот гасови, па соединете го со зеленчукот. Измешајте, додека да се формира хомогена смеса. Во едно тавче на рингла, намастете со малку масло, со помош на четкичка и почекајте да се загрее на средна температура. Излејте малку од смесата, јас ставам 2 кутлачи, за да се опфати целото тавче.




Пржете неколку минути од едната страна, додека питата да фати коричка, а по потреба одозгора додавајте масло. Превртете ја питата од другата страна, покријте со капак и гответе уште 3-4 минути, додека добро да се испече однатре и да фати коричка и од втората страна.

Испечените пити се редат во чинија, една врз друга. Обично излегуваат 6 големи пити, во зависност од големината на тавчето. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.