Питите се омиленото јадење кај нас дома и во секоја прилика кога сум слободна замесувам и им правам на домашните. Бидејќи сме големо семејство, правам по 2 пити одеднаш и најчесто тестото го удвојувам. Откога го дознав овој рецепт за пита, не сум пробала ниедна друга. Се добиваат две енормни пити полнети со фил кои заситуваат и се многу вкусни.




Тестото е многу меко и расте при печењето, се крева нагоре и кората станува крцкава. Филот може да го подготвувате со состојки по ваша желба, јас ќе ви покажам од кои состојки подготвувам. Едниот фил го правам со месо, а другиот посен, со зеленчук. Уште не можам да се одлучам која пита ми е повкусна, затоа и двете ги правам и кај нас се јадат во едно седнување. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 200 мл млако млеко, 200 мл млака вода, 1 лажица шеќер, 1 лажиче сол, 12 г свеж квасец (4 г сув квасец), 50 мл масло, 650 г брашно (+-). ЗА ПРВИОТ ФИЛ: 250 г свинско/телешко/пилешко месо, 2 главици кромид. ЗА ВТОРИОТ ФИЛ: 2 компири, 2 главици кромид, магдонос/младо кромитче, зачини по вкус, малку масло и путер, 2 жолчки за премачкување.




ПОСТАПКА: Тестото се подготува на класичен начин, како за сите останати пити. Во еден подлабок сад ставете 200 мл млако млеко, кое претходно треба да биде отстојано на собна температура. Во млекото додајте ја водата, 1 лажица шеќер и 12 г свеж квасец или 4 г сув квасец. Промешајте малку да се соединат состојките, па почекајте 2-3 минути за квасецот да се активира.




Потоа додајте го маслото и постепено започнете да го додавате брашното, измешано со 1 лажиче сол. Приближно ќе ви бидат потребни 650 г брашно, некогаш малку повеќе или помалку во зависност од конзистентноста на тестото. Затоа, брашното се додава последно и постепено, па додека го замесувате ќе знаете кога е доволно. Тестото треба да биде меко и мазно, да не се лепи на прстите.




Јас на почетокот го мешам со поголема лажица, а кога ќе почне да ги впива влажните состојки преминувам на месење со рака. Тестото треба да го месите од нанадвор кон навнатре. Се меси кратко време, за да остане меко. Кога ќе го замесите тестото, префрлете го и оставете го во садот каде што го замесивте, покријте го со фолија/памучна крпа и оставете да нарасне на топло место од 30 минути до 1 час, во зависност од температурата во собата.




По изминатото време, размесете го тестото сосем малку, па поделете го на четири еднакви делови и секој дел формирајте го во топче. Развлечете едно по едно тесто, на рамна набрашнета површина со оклагија и по потреба додавајте брашно на оклагијата и врз тестото, да не ви лепи. Тестото лесно се влече бидејќи е многу еластично. Развлечете го колку најмногу можете, да биде тенко. Истото направете го и со останатите три топчиња.




ЗА ПРВИОТ ФИЛ: Исечкајте го месото на ситни коцки. Може да користите телешко/јунешко/свинско/пилешко месо. Месото не треба претходно да го пропржувате, но доколку сакате, тоа е во ред. Изрендајте една главица бел и една главица црвен кромид и соединете ги со месото. Зачинете со зачини по вкус како сол, црн пипер, црвена зачинска пиперка, лук во гранули и останати зачини.




ЗА ВТОРИОТ ФИЛ: Изрендајте ги главиците кромид, како и компирите. Ситно исечкајте малку магдонос или младо кромитче и соединете ги состојките. Одозгора прелијте со масло и зачинете по вкус. Врз првата развлечена кора премачкајте обилно со растопен путер и малку масло, па ставете половина од првиот фил со месо и распоредете. Одозгора покријте со втората кора која ја развлековте и залепете ги краевите со помош на прстите со притиснување.




Втората кора исто така премачкајте ја со маслото и путерот и ставете ја втората половина од првиот фил и распоредете. Завиткајте во ролат, а потоа како вртена пита свиткајте ја кората. Ставете ја питата на плех, обложен со хартија за печење, покријте и оставете да одмори, додека ја подготвувате втората пита на истиот начин како првата, со тоа што ќе филувате со вториот фил.

Кога двете пити ќе бидат подготвени (јас ги печам во различни плехови, додека едната се пече, другата одмора), малку притиснете ги со прстите за да се ослободат вишокот гасови и уште малку да ги развлечете.

Потоа, премачкајте ги со разматена жолчка (за секоја пита по една жолчка) и направете декоративни линии со помош на виљушка. Секоја пита се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 35 минути, додека да фати коричка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.