Денес ќе приготвам еден многу брз колач за кој не треба да ја вклучувам рерната. Она што е одлично во овој рецепт е неговата брза постапка за приготвување, изборот на состојки, овошниот вкус кој можете да го менувате по сопствен избор и секако, неверојатниот кремаст вкус кој секого го воодушевува. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 мл слатка павлака за шлаг, 200 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија, абц или некое по ваш избор), 200 г цврст јогурт или кисела павлака, 80 г ситен шеќер, 1.5 лажичка ванилин екстракт, 3 кесички кремфикс (24 г), 400 г јагоди/малини/вишни или овошје по ваш избор, 16 вафли или по потреба
ПОСТАПКА: Истурете ја слатката павлака во некој подлабок сад за матење. Пенасто изматете ја, па кога малку ќе згусне додајте го кремфиксот и продолжете со матењето додека да ја добиете посакуваната густина.
Во посебен сад пенасто изматете го крем сирењето заедно со киселата павлака (цврст јогурт), шеќерот и ванилиниот екстракт. Матете неколку минути додека да се добие фина кремаста структура, а шеќерот да се растопи.
Потоа постепено додајте го шлагот од изматената слатка павлака. Овојпат не ви е потребен миксер, а шлагот додајте го на два-три наврати и мешајте со лажица или шпатула. Мешајте со бавни движења додека да се изедначат состојките во нежен и мазен крем, но, ако ви е полесно, кратко изматете со миксер со поспора брзина.
Ако вашиот избор на овошје се свежи јагоди, тогаш убаво измијте ги и ситно исечкајте ги. Домолку користите малини или боровинки, само измијте ги и исцедете ги од водата. А, доколку користите смрзнато овошје, нема потреба да го одмрзнувате.
Овошјето додајте го во приготвениот крем и промешајте со лажица или шпатула за да се распореди рамномерно и вашиот фил е спремен. врз рамна подлога или чинија поставете го флексибилниот обрач и наредете 8 вафли, по четири во два реда.
Рамномерно распоредете го приготвениот фил од крем со овошје, па израмнете. Одозгора наредете уште осум вафли, исто како и првиот слој, па целата торта оставете ја во фрижидер да се стегне најмалку 2-3 часа. По изминатото време отстранете го обрачот, наросете шеќер во прав и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.