Љубителите на чоколадо ќе ги воодушеви вкусот на феноменалниот деликатес направен со омилениот жесток пијалак – ракија. Послужете се со ракијата која најмногу ви се допаѓа и направете сируп со кој ќе ги натопите испечените бисквити за торта и на тој начин да ги направите повкусни и посочни.

Покријте ги со кремаст чоколаден фил и ќе добиете совршена новогодишна чоколадна торта која ниту еден гостин нема да ја одбие. Сѐ што ќе ви биде потребно за да ги направите чоколадните бисквити се неколку состојки, а потоа ќе ви преостане да го подготвите кремот за премачкување.




Ние имаме наш предлог, но секако, по желба, може да користите и некој друг крем, кој ви е омилен. Обично секоја домаќинка си има свој рецепт за крем кој го користи за филување на торти и колачи. Еве кои состојки ви се потребни за оваа торта:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТОТ: 4 јајца, 120 г шеќер, 80 г грчки јогурт, 100 мл масло, 175 г брашно, 55 г какао, 1 лажичка прашок за печиво, прстофат сол. ЗА КРЕМОТ: 400 г крем сирење, 100 г цврст јогурт (или кисела павлака), 55 г какао, 250 г кондензирано млеко (опционално).




ЗА СИРУПОТ ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ НА КОРИТЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 100 мл вода, 50 г шеќер, 4 лажици ракија (20 мл), 200 г чоколадо, 40 мл млеко, 60 г путер. ПОСТАПКА ЗА ПОДГОТОВКА НА КОРАТА: Скршете ги јајцата во еден подлабок сад. Додајте го шеќерот, густиот јогурт и маслото, па добро изматете со миксер, со постепено зголемување на јачината на миксерот.




Потоа додајте го просеаното брашно, какаото, солта и прашокот за печиво и соединете со миксер. Добиената смеса истурете ја на плех обложен со хартија за печење и убаво израмнете го. Јас користам плех со димензии 42х32 см. Кората се пече во претходно загреана рерна на 160°C околу 15 минути.




По печењето кората се остава малку да се олади, па потоа се сечат краевите за да се израмни. Исечете ја на три еднакви делови (од хоризонталната страна по должина). Во меѓувреме подгответе ги состојките за сирупот. ЗА СИРУПОТ: Измешајте ги водата и шеќерот во едно помало тенџере и ставете да зоврие, па тргнете од шпоретот и додајте ја ракијата, па промешајте и оставете малку да се олади.




ЗА ФИЛОТ: Се матат крем сирењето и грчкиот јогурт, па се додава кондензирано млеко (опционално). Продолжете со матење, потоа додајте какао и измешајте, па соединете со миксер. ЗА ГЛАЗУРАТА: Растопете го чоколадото со путерот и млекото на пареа или во микровална печка.




ФИЛУВАЊЕ НА ТОРТАТА: На плех ставете една кора, па убаво премачкајте ја со сирупот со ракија, со помош на четкичка, прелијте ја со кремот кој треба да го поделите на три еднакви делови и израмнете. Одозгора ставете ја втората кора и повторете ја постапката. Се покрива со сируп, а потоа со фил.

Ставете ја третата кора, натопете ја со сируп, а потоа премачкајте ја целата торта со кремот, вклучувајќи и од страните. Врвот на колачот прелијте го со глазурата и израмнете го, па ставете ја тортата во фрижидер на ладење, минимум 2 часа.

Извадете ја тортата од фрижидер и декорирајте ја од страните со сомелените остатоци од краевите на кората. За глазурата да не ви истече од страните на тортата, користете обрач при глазирањето или хартија за печење. Одозгора тортата декорирајте ја по ваша желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.