Пред неколку години го испробав рецептот на Ивана, ја направив оваа торта и мислам дека ништо повкусно не сум пробала оттогаш до денес. Испробував и други торти за свечени пригоди, но секогаш се враќав на оваа. Прв избор ми е кога сакам некого да воодушевам.




Е, оваа торта е толку кремаста, толку прекрасна, со крцкава целувка-кора со неодолив парфе крем со вкус на плазма. Едноставно, се топи во уста. Постапката не е воопшто комплицирана, потребен ви е само миксер за матење и основни состојки кои сите ги имаме дома, пишува НМД. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за целувка-кора): 8 белки, 300 г шеќер, 1 лажица вински или јаболков оцет, а може и лимонов сок. ЗА ПАРФЕ КРЕМ: 8 жолчки, 200 г шеќер, 150 г мелена пзлама или бисквити по ваш избор, 300 мл слатка павлака за шлаг, 1 лажица арома од ванила, 1 мала кесичка желатин. За декорација: 200 мл слатка павлака за шлаг




ПОСТАПКА: Веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 150 степени. Одвојте ги белките од жолчките во посебни садови. белките пенасто изматете ги, па започнете постепено да го додавате шеќерот.




Непрекинато матете со миксерот во времетраење од 10 минути, сè додека шеќерот целосно да се растопи, а снегот да стане толку густ што нема да паѓа кога ќе се преврти садот. Додајте една лажица оцет или лимонов сок, па матете уште 5 минути (ако имате посилен миксер, можеби времетраењето на матењето ќе биде пократко).




Плех со димензии 20х30 см обложете го со хартија за печење (може сосем малку да ја намастите со кокосово масло за полесно да се отстрани целувката, но не мора). Излејте го снегот од белки и рамномерно распоредете го преку целата површина.




При обликувањето на кората од белки внимавајте да не оставите шупливи простори. Израмнете ја и ставете да се пече/суши во загреаната рерна најмалку еден час. Можете да ја оставите да се лади во рерната и тогаш кората излегува најубава.




Ако се брзате извадете ја да се лади надвор од рерната, но не вадете ја од плехот најмалку еден час. Пригответе го филот: пенасто изматете ги жолчките заедно со шеќерот додека тој да се растопи, а жолчките да згуснат и побелат.




Садот поставете го врз тенџере на оган во кое врие вода, па згответе ги жолчките на пареа со непрекинато мешање 6-8 минути или додека да се згуснат. Оставете го кремот од жолчки да се лади покриен со кеса/фолија или со повремено промешување за да не фати коричка.




Желатинот помешајте го со 5 супени лажици ладна вода и оставете го настрана 15 минути да набубри. Пенасто изматете ја слатката павлака во шлаг, додајте арома од ванила, изладениот крем од жолчки, па сето добро соедините го во нежен крем. Желатинот растопете го во микробранова печка или на пареа, па додајте го во изматениот фил и промешајте.




На крај додајте ја мелената плазма и промешајте со лажица. Премачкајте преку кората, одозгора декорирајте со шлаг од слатка павлака и наросете какао или мелени лешници/ореви. Оставете преку цела ноќ, иако може да се сече и послужи после 4 часа во фрижидер. Рецепт на Ивана-Ранкос.