Рецептот го добив пред 5 години кога при една пригода имав можност да ја пробам тортата за првпат. Бев воодушевена од вкусот и прашав за постапката, па оттогаш ја правам за секоја свеченост. Многу брзо, едноставно и лесно, а во вкусот ќе уживате-четирислојна торта. Еве што ви е потребно за да ја направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 1 чаша шеќер, 1/2 чаша млеко, 1/2 чаша масло, 1/2 чаша јогурт или кисела павлака, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 чаша скроб/нишесте, 1 кесичка прашок за печиво, 1 чаша брашно. Овие состојки се потребни за бисквитот, а мерката за чаша нека биде 200 мл. Користете ја истата чаша за дозирање на сите состојки.




ЗА КРЕМОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 500 мл млеко, 1 кесичка ванилин пудинг (40 г), 3 лажици шеќер, 2 лажици скроб/нишесте, 2-3 лажици шеќер во прав, 70 г маргарин и уште 150 мл млеко. ЗА ГЛАЗУРА: 200 мл млеко, 2 лажици какао во прав, 1 лажица шеќер во прав, 50 г чоколадо, 1/2 чаша вода, 3 лажици шеќер и неколку бисквити.




ПОСТАПКА: Најпрво подгответе ја кората. Во еден сад скршете ги трите јајца и изматете ги додека да се разредат. Потоа додајте го шеќерот и продолжете да матите со миксерот до формирање на пенаста структура. Во оваа смеса се додаваат млекото и маслото и се продолжува со матење.




Во соединетата смеса додајте половина чаша јогурт, ванилиниот шеќер и скробот/нишестето. Измешајте убаво со жица/маталка или лесно со миксерот на најмала брзина. На крајот се додава прашокот за печиво и брашното и целата смеса се инкорпорира во едно.




Вака подготвената смеса излејте ја во калап со димензии по ваша желба, најдобро е да користите некој со стандардна големина и да го обложите со хартија за печење. Излејте ја смесата и малку потчукнете го садот одоздола за да се испуштат гасовите на дното. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 30 минути.




Во меѓувреме направете го кремот: во тенџере ставете 500 мл млеко, додајте го пудингот, шеќерот, нишестето и шеќерот во прав. Варете на умерена температура до згуснување на пудингот. Потоа тргнете од оган, покријте со фолија и оставете целосно да се олади.




Оладениот пудинг разредете го малку со миксер, па во него додајте го маргаринот, претходно отстојан на собна температура заедно со 150 мл млеко. Измешајте до соединување. Пудингот се премачкува врз превртената кора во долгнавест сад.




Врз пудингот наредете парчиња бисквити во еден ред, мене ми беа потребни околу 12 бисквити, но сепак тоа зависи од големината на плехот во кој сте ја печеле кората. На крајот само се прелива со чоколадната глазура која сте ја направиле на стандарден начин со мешање на сите состојки на рингла до соединување.

Прелијте ја глазурата одозгора како последен чекор и ставете ја тортата во фрижидер да се стегне филот. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.