Зелката е полна со витамин Ц и омилен зеленчук за многумина. Некој преферира кисела зелка, некој варена, но за многумина сепак, салатата приготвена со свежа зелка е омиленото мезе. Класична зелка салата секој знае да приготви, но постојат и некои тајни додатоци кои ги знаат само малкумина:
На пример, освен сол, масло и оцет, за да се потенцира вкусот на овој зеленчук се додава прстофат шеќер, како и ситно рендано или сечкано лукче. Но, она по што е специфична оваа салата е тоа што не се меша со лажица, туку потребно е добро да се истиска со рака.
На тој начин зелката омекнува, а сепак ја задржува својата крцкавост. Според професионалните готвачи, откако ќе се посоли и истиска зелката, потребно е од неа да се отстрани и вишокот сок кој таа ќе го испушти, пишува НМД.
Ова се практикува за да не дојде до „раскашување“ на салатата кога се приготвуваат поголеми количини (за слави, свадби и сл.) и кога салатата стои долго време на собна температура. Меѓутоа, за домашна употреба кога зелката се ренда и приготвува непосредно пред послужување, нема потреба. Овојпат предлагаме да испробате 2 нови рецепти со одличен вкус:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г свежа зелка, 100 г пченка во зрно, 1 зелено јаболко, 1 краставица, свеж копар, 2-3 супени лажици кисела павлака, сол и црн пипер во прав по вкус, 1 супена лажица лимонов сок
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г свежа зелка, 1-2 краставици, свеж копар, свеж магдонос, 4 тврдо варени јајца, 2-3 супени лажици маслиново масло, 2 супени лажици кисела павлака, 1 мала лажичка сенф
ПОСТАПКА за рецепт 1: зелката ситно исечете ја или изрендајте ја на специјално ренде. Краставицата исечете ја на тркалца, а потоа на лентички, а исто така и јаболкото. Можете да ги исечете и на коцкички, но според оригиналниот рецепт сите намирници се сечкаат на тенки лентички.
Измешајте ги состојките во подлабок сад, па додајте ја пченката од конзерва, ситно сечкан копар приближно 1-2 лажици, посолете и запиперете по вкус, па додајте ја киселата павлака и лимоновиот сок. Добро промешајте и послужете.
ПОСТАПКА за рецепт 2: јајцата сварете ги, па одвојте ги посебно белките од жолчките. Зелката исто како и за претходниот рецепт, исечкајте ја ситно со нож или ренде, а краставицата и белките од варените јајца, на лентички.
Измешајте ги состојките во еден подлабок сад, па додајте ситно сечкани свежи билки, копар и магдонос (приближно по една лажица или по вкус). Варените жолчки изронете ги ситно со виљушка, посолете ги, запиперете ги, додајте масло, сенф и павлака. Изедначете и прелијте преку салатата, па промешајте. Деталите погледнете ги ОВДЕ.