Нема кој не ја пофалил старинската ресана торта која сите ги воодушевува уште при првиот залак. Домаќинките ја сакаат поради лесната подготовка и тоа што не се пече и не се валкаат многу садови. Во продолжение може да прочитате како да направите вкусен колач кој на вкус потсетува на ресана тортата, но е двојно побогат.




Колачот не се пече, многу е сличен на подготовката на ресана тортата само со неколку измени. Откога додадов јаболка во него, добив перфектна комбинација, која за ништо не би ја менувала, пишува НМД. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г јаболка (околу 5 јаболка), 5 супени лажици шеќер, 350 г бисквити, 100 г чоколадо, 50 мл млеко, 120 г ореви. ЗА ГЛАЗУРА: 300 мл млеко, 1 пудинг со вкус на чоколадо, 3 супени лажици шеќер и малку мелени биксвити за декорација.




ПОСТАПКА: Jaболката се мијат, па се лупат и се чистат од дршката и од семките на средина. Потоа се рендаат во една чинија. Додека ги рендате јаболката едно по едно можете секое парче да го наросувате со малку сок од лимон да не потемни.




Ренданите јаболка се ставаат во нелепливо тавче и се пропржуваат со шеќерот додека да омекнат, и шеќерот да се растопи во нив. Треба да се направи кашеста смеса која ќе има пријатен мирис кој ќе ја облее целата кујна со слаткасто-цитрусна нота.




Кога ќе го испржите филот од јаболка, тргнете го тавчето настрана, а потоа во друг сад на рингла растопете го чоколадото скршено на коцки заедно со малку млеко. Направете фина чоколадна смеса која подоцна ќе ја соедините со кашата од јаболка.




Во меѓувреме ситно искршете ги бисквитите и прелијте ги со чоколадната глазура, а одозгора додајте ја кашата од јаболка и 120 г мелени ореви. Потребно е добро да ја измешајте смесата за да се соединат сите состојки, можеби ова ќе биде најтешкиот дел бидејќи смесата е тврда и потешко се меша.




Вака подготвената смеса префрлете ја во кружен калап со флексибилен обрач и со дното од чаша притиснете ја за да се израмни низ целата површина. Калапот е потребно да биде со стандардна големина, но може и мал, во тој случај базата/основата на колачот ќе биде повисока. Сепак каков и да имате калап, не е важно бидејќи овој колач не се пече, па не прави некоја разлика големината, освен во висината.




Најпосле направете глазура од 300 мл млеко измешано со чоколаден пудинг и малку шеќер. Мешајте на рингла со умерена температура додека пудингот да се згусне и да ја добие потребната конзистентност. Потоа премачкајте ја глазурата врз бисквитот.




Колачот оставете го во фрижидер добро да се стегне најмалку 3-4 часа или најдобро преку цела ноќ, што подолго-толку поубаво, а потоа пред послужување наросете го со мелени бисквити, кокос, мелени ореви или декорирајте го по ваша желба.