Ова е рецепт за еден прекрасен и многу вкусен колач кој не треба да се заборави. Рецепт на нашите баби и мајки кои порано редовно го приготвуваа, а особено во деновите за пост, но и за свечени пригоди. Многу е сочен и мирисен, а додека се пече целата куќа мириса неодоливо. Еве што ви е потребно, според рецептот на Валентина Машковиќ:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл): 5 чаши газирана вода, 5 чаши брашно, 3 чаши масло за готвење, 3 чаши пченичен гриз, 1 лажичка цимет, 200 г сечкани ореви, 200 г суво грозје, 1 кесичка прашок за печиво. ЗА СИРУП: 350 г шеќер, 400-500 мл вода, 2 кесички ванилин шеќер, 50 г мелен орев за наросување




ПОСТАПКА: Во еден длабок сад за месење ставете пет чаши обично пченично брашно, а потоа со истата чаша измерете и додајте три чаши пченичен гриз. Промешајте, па додајте една кесичка прашок за печиво од 10 г и една мала лажичка цимет во прав.




Потоа додајте приближно 200 г сечкани или мелени ореви (може и мешано) и исто толку (200 г) суво грозје кое претходно сте го потопиле во топла вода за да набубри и да се хидрира, а потоа сте го исцедиле.




Сите суви состојки добро промешајте ги со лажица за да се распоредат рамномерно. Потоа во средината направете вдлабнување, па тука додајте пет чаши газирана вода и три чаши масло за готвење. Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.




Потоа промешајте со лажицата или со шпатула. Убаво соединете ги состојките додека да добиете убава, изедначена, густа мешавина. Плехот од рерна намастете го на дното и страните, па наросете го со брашно, а вишокот истресете го.




Излејте ја смесата во подготвениот плех, распоредете насекаде рамномерно и малку протресете за да се израмни, па штом рерната се загрее, ставете да се пече колачот приближно 30-35 минути.




ЗА ПРЕЛИВ: шеќерот, ванилата и водата ставете ги на оган да зоврие и гответе неколку минути додека сиот шеќер да се растопи. Печениот колач оставете го малку да се олади, да биде млак, па исечете го на коцки.




Ладниот колач прелијте го со врелиот сируп. Оставете го да се олади целосно и да го впие сирупот. Одозгора наросете мелени ореви и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.