Посните оранж коцки ги испробав на една слава и веднаш го побарав рецептот. Потоа ги правев за мојата слава и овој рецепт на Божиновски сите гости го побараа. Колачот се состои од комбинација на јаболка и портокали која дава толку добар вкус што не можам да го опишам.
За втората верзија која исто така многу ми ја сакаат (има и видео презентација), колачот се приготвува само со портокали, се прелива со сок, се премачкува со џем и се посипува со кокос. Целата постапка е брза и едноставна, а добивате два предобри колачи. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (чаша од 200 мл): 2 чаши шеќер, 5 јаболка, 2 портокали, 1 лажица сода бикарбона, 2 чаши брашно, 1 чаша гриз, 1 чаша сечкани ореви, 1 кесичка прашок за печиво. За одозгора: џем, посно чоколадо, ореви
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г шеќер, 100 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 350 мл сок од портокал (може и купечки), 100 г кокос (одвојте 2 лажици за наросување), 300 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво. За прелив: 300 мл сок, 5 лажици шеќер, 3-4 лажици џем за премачкување
ПОСТАПКА за рецепт 1: Во еден подлабок сад ставете шеќер, масло, сода бикарбона, а потоа и ренданите јаболка и ренданите портокали сосе кора (претходно отстојани во вода со сода бикарбона и добро испрани).
Откако сите состојки ќе се помешаат, смесата оставете ја да одмори два часа. Повремено промешувајте за да се растопи шеќерот, затоа е потребно толку време. После два часа додајте го брашното, гризот, оревите и прашокот за печиво, па добро измешајте.
Плехот од шпоретот намастете го и набрашнете го (вишокот истресете го), па излејте ја добиената смеса, рамномерно распоредете ја и израмнете. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180-200 степени, приближно 30 до 40 минути, во зависност од рерната.
Кога ќе се олади колачот одозгора премачкајте го со џем, а потоа наросете го со сечкани ореви и рендано посно чоколадо. Рецепт на Божиновски. А, сега прочитајте ја постапката и за вториот рецепт, каде колачот се приготвува само од кокос и сок од портокали:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Во еден подлабок сад ставете 200 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер и 100 мл масло. Промешајте со жица маталка за да се соединат состојките. Додајте 350 мл сок од портокал и повторно промешајте.
Додајте го кокосот (од 100 г одвојте 2 лажици за посипување) и 300 г брашно помешано со 1 кесичка прашок за печиво (10 г). Убаво соединете додека да добиете изедначена, хомогена смеса без грутчиња. Излејте ја во плех (30х22 см) намастен со маргарин и печете во загреана рерна на 180 степени, 30 минути (проверете со чепкалка).
Печениот колач оставете го да се подизлади, па пригответе го преливот: во тенџере ставете 300 мл сок од портокал, 5 лажици шеќер и од моментот на зовривање гответе 7-8 минути или додека да испари 1/3 од сокот. Тргнете го тенџерето настрана 10-15 мин па прелијте го колачот. Кога колачот ќе го впие преливот, премачкјате го со 3-4 лажици џем и одозгора посипете кокос. Деталите погледнете ги ОВДЕ.