Сите ги знаеме „Тутку“ колачињата кои на многумина ни се омилени. Ако никогаш не ви било доста од нив и секогаш ви било малку едно пакетче, добрата вест е тоа што може да си ги направите и дома, ќе ви излезат многу повеќе, а ќе ви бидат потребни само неколку состојки.




Вкусниот течен, чоколаден фил кој се разлева од нив ќе ве воодушеви и по овој рецепт, навистина излегуваат како купечките, а притоа ќе заштедите затоа што од малку состојки ќе добиете голема количина. Наместо Нутела може да користите и некој друг крем по ваш вкус. Еве што ви е потребно за да ги направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Нутела, 250 г путер (2 чаши), 1 шолја шеќер во прав, 1 чаша скроб, 1/2 чаша масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 кесичка прашок за печиво, 4,5 чаши брашно, 1,5 лажици какао. ПОСТАПКА: Колачињата се највкусни кога за внатрешниот фил се користи Нутела, бидејќи кога ќе се растопи, не ја губи флуидноста, како другите кремови.




ПОСТАПКА: На еден помал плех, обложете хартија за печење и со помош на мала лажица црпете од Нутелата, околу половина лажичка. Секое парче редете го на плехот и направете го тоа околу 18-20 пати (бидејќи излегуваат толку колачи). Обидете се кремот да биде обликуван во форма на топче, како што ќе го спуштате од лажицата на плехот.




Ставете ракавици и со прстот намастувајте ги, па обликувајте ја Нутелата во топче на местата каде што не е формирано. Маслото ќе овозможи кремот да не ви се залепи на прстите. Важно е внимателно и нежно да гo допирате кремот, без притисок, бидејќи лесно може да ви се залепи. Вака подготвените топчиња ставете ги сосе плехот во замрзнувач околу 1 час, да се стегнат.




ПОДГОТОВКА НА ТЕСТОТО: Во еден подлабок сад ставете го омекнатиот путер (2 чаши), додајте го шеќерот во прав, скробот, маслото, ванилиниот шеќер и прашокот за печиво. Измешајте ги состојките додека да се добие хомогена смеса. На крајот, се додава брашното на три наврати, прво две чаши, потоа уште две, па на крајот уште половина.




Замесете фино и меко тесто, кое треба да не се лепи на прстите. Поделете го тестото на два еднакви делови и во едниот дел ставете го какаото. Повторно замесете го тестото додека да стане кафеаво, а по потреба додајте уште какао. Црпете по малку од двете смеси и формирајте валјаци кои треба да бидат тенки, но долги.




Од секој валјак исечете еднакви парчиња со големина од 1 см и формирајте ги во топчиња. На овој начин подгответе многу топчиња, додека да ги потрошите двете теста. ФОРМИРАЊЕ НА ТУТКУ КОЛАЧИЊАТА: Земете три кафеави и три бели топчиња и на дланка наредете ги во круг, црно, бело, црно бело…




Малку притиснете одозгора со другата дланка и со нежно обликување со дланките спојте ги топчињата во фино крукче. На овој начин направете околу 18-20 колачиња. Постои и втор начин на обликување на колачињата, а тоа е со сплескување на двете дланки, додека да се залепат топчињата.




Ќе ви останат повеќе топчиња, па нив спојте ги во помали кругови, малку сплескани, на истиот начин, како тие 18-20 колачи. На поголемите колачиња направете вдлабнатина со прст на средина и ставете го замрзнатиот крем од Нутела.

Одозгора преклопете со помалото формирано крукче, со тоа што шарените страни треба да се совпаѓаат со поголемото. На овој начин ќе го затворите филот, за да не ви претече при печењето.

Вака подготвените колачиња формирајте ги и редете ги на плех, со хартија за печење. Печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15-тина минути. Не треба да ја променат бојата при печењето. По печењето, се оставаат целосно да се оладат, па се послужуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.