Овие ролнички ги направив на Божиќ за мојата драга пријателка Лидија, но дури сега можам да го дополнам целиот рецепт со слика. Лиснатото тесто го направив по рецепт на Спаса и може да го прочитате подолу, а филот малку го изменив. И благодарам од сѐ срце за толку добриот рецепт за тесто.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛОТ: 1 литар вода, 10 супени лажици шеќер, 4 кесички пудинг со вкус на чоколадо (160 г), 200 г посно чоколадо, 200 г маргарин, 200 г шеќер во прав, 100 г несолени печени кикирики.
ПОСТАПКА: Лиснатото тесто го направив по рецептот на Спаса кој го прикачив подолу во текстот, а можам само да додадам дека одамна не сум јадела поубаво домашно тесто. Го правев од буква до буква како што е објаснето во рецептот, многу е убаво за работа, уште подобро од купено лиснато тесто. Од оваа количина добив 20 кифлички.
ЗА ФИЛОТ: Од еден литар одвојте малку вода, па растворете го пудингот со шеќерот, енергично со виљушка или маталка, да нема грутчиња. Остатокот од водата ставете го на оган да зоврие, истурете го изматениот пудинг и варете го постојано мешање додека да згусне. Ова е посниот рецепт за пудинг, а масниот се прави со млеко, како вообичаено.
Маргаринот омекнат на собна температура пенасто се мати со шеќерот во прав, се топи чоколадото на пареа и кога ќе се олади се додава во изладениот пудинг со изматениот маргарин и се соединува убаво со миксер во едноличен нежен крем.
Несолените печени кикирики издробете ги со оклагија или иситнете ги во блендер, филот ставете го во шприц, наполнете ги празните кифли, а краевите потопете ги во мелените кикирики, наросете ги со шеќер во прав и ставете ги во фрижидер. Во продолжение може да го прочитате рецептот за тестото:
Ролнички или ролати од прекрасно лиснато тесто, полнети со фил. Ролничките може да ги полните со фил по желба. Зошто би купиле готово лиснато тесто, кога можете сами да си направите лиснато, вели Спаса, а во продолжение може да го прочитате рецептот:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл топла вода, 2 супени лажици оцет, 5 супени лажици масло, малку сол, 600-700 г брашно (по потреба). ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ на тестото: 250 г маргарин.
ПОСТАПКА: Замесете тесто од наведените состојки и оставете го во фрижидер најмалку 2 часа да отстои. Тестото треба да го месете 8-10 минути за да добие еластичност. Откако ќе одмори, развлечете го тестото и премачкајте го со 125 г маргарин. Преклопете го тестото така што надворешните рабови ќе ги ставите навнатре.
Прво горната, па долната, левата па десната страна (како да диплите писмо), па повторно оставете во фрижидер да отстои 1/2 час. Повторно развлечете го тестото и премачкајте го со остатокот од маргаринот. Вратете го во фрижидер 1/2 час. Сè е подобро додека се развива и се преклопува почесто.
Кога тестото ќе одмори, развлечете го и исечете го на ленти широки 2-3 см и развлечете ги завиткуваќи ги на специјални калапчиња (за „грклани“). Се печат во загреана рерна на 180 степени, додека да поруменат. Кога ќе се оладат ролничките се полнат со крем и се валкаат во шеќер во прав (по желба).
СОВЕТИ: Тестото замесете го претходниот ден и нека стои во фрижидер. Маргаринот го поделив на 3 парчиња и потоа тестото го премачкав 3 пати. Не го развивајте тестото во премногу топла просторија. / Сoolinarka.сom