Нема да згрешите ако ги направите овие вкусни коцки. Смесата е многу едноставна, се прави за помалку од 5 минути. Тоа е базата на овој колач, а премачкувањето и глазирањето се по желба. Овие колачи освен што изгледаат многу декоративно, тие се исто така и многу вкусни, први се изедуваат на славската трпеза.




Ги направив минатата година за Божиќ и сега ми се најавуваат пријатели да ми дојдат на гости, па посакуваат да им ги направам повторно. Ми се јавија уште неколку да ме прашаат за рецептот, а јас им го пратив во порака. Одлучив да го споделам и тука, бидејќи навистина е многу вкусен. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, прстофат сол, 16 г ванилин шеќер или екстракт од ванила, 150 г шеќер, 150 мл масло, 150 мл млеко, 8 г прашок за печиво, 300 г брашно, 2 лажици рендано чоколадо или чоколадни трошки, 100 г темно чоколадо, крем за премачкување.




ПОСТАПКА: За колачот се користи калап/плех со димензии 35х35 см или некој со слична големина. Јајцата и млекото е потребно да се остават на собна температура, минимум 1 час пред подготовка на смесата, за подобро да се соединат состојките.




Во еден подлабок сад скршете ги трите јајца и измешајте ги пенасто со жица/маталка. Додајте прстофат сол, ванилиниот и обичниот гранулиран шеќер. Со миксер соединете ги состојките во течна и еднолична смеса.




Потребно е шеќерот да се растопи во јајцата, а волуменот на смесата да се зголеми. Затоа, постепено зголемувајте ја брзината на миксерот и матете приближно 5-6 минути. Потоа, постепено започнете да го додавате маслото, во тенок млаз, додека непрекинато матите со миксерот.




На истиот начин, постепено додајте го и млекото. Во посебен сад измерете ја потребната количина на брашното и одземете 1-2 лажици настрана. Во поголемиот дел ставете го прашокот за печиво и просејте го во течната смеса, додавајќи на два наврати.




Кога ќе го ставите брашното, смесата соединете ја со најмала брзина на миксерот. Потребно е да добиете конзистентност како смеса за палачинки. Во брашното кое претходно го издвоивте додајте го ренданото чоколадо (купечко или домашно исечкано). Измешајте, па додајте во смесата и убаво соединете. Плехот обложете го со хартија за печење, па излејте ја смесата во него и израмнете ја.




Печете во претходно загреана рерна на 175 степени, околу 20-тина минути во зависност од јачината на рерната. Проверете дали кората е испечена со чепкалка. По печењето, кората се остава малку да се олади, па се сече на правоаголници со еднаква големина.

Како мерка, можете да користите линијар и да ја сечете кората подеднакво, да добиете 4 подолги ленти. Премачкајте две ленти со растопено чоколадо или чоколаден крем (Нутела) и одозгора поклопете со празните кори, кои не се премачкани.

Чоколадниот слој кој се премачкува може да биде тенок или подебел, по ваш вкус. Растопете го останатото чоколадо и глазирајте само 1/3 од колачињата, така што одозгора ќе биде пресекот на двете кори, кои претходно ги споивте.

Оставете чоколадото малку да се стегне, па исечете на еднакви квадари-штанглички. Послужете веднаш или претходно декорирајте со линии од растопено чоколадо. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.