Кроасаните се секогаш добредојдени на свечената трпеза за која било пригода. Може да бидат празни или да се полнат со солен или сладок фил. Исто така, може да ги правите мали или големи, а она што е интересно е дека секојпат без некоја посебна вештина, сите излегуваат речиси со еднаква величина.
Денес ќе ви ги претставиме најдобрите рецепти за кроасани, а вие одберете според состојките кој најмногу ви одговара. Сите се проверени, оа за кој и да се одлучите нема да погрешите. Првиот предлог е на Маријана чија видеопрезентација можете да ја погледнете ОВДЕ, а третиот рецепт е за кросани кои се готови за 20 минути, па одлични се за ненајавени гости. Еве ги потребните состојки:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл млако млеко, 300 мл млака вода, 1 кесичка сув квасец (8 г), 2 лажички шеќер, 3 лажици масло, 2 лажички сол, 800 г брашно и 200 г путер за премачкување на корите. За премачкување 1 жолчка +малку млеко или масло, сусам за наросување
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10 г сув квасец (1 кесичка), 3 супени лажици шеќер (може и помалку ако правите со солен фил), 150 мл млако млеко, 150 мл млака вода, 150 мл кисело млеко или густ јогурт, 1 јајце, 750 г брашно, 1 супена лажица сол. И уште: 140 г путер или маргарин, нутела за фил, 1 жолчка од јајце, 30 мл млеко
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка сув квасец (7 г), 200 мл топло млеко, 1 мала лажичка сол, 100 мл масло, 2 полни лажици кисела павлака. За премачкување: 1 јајце, сусам, ким по желба
ПОСТАПКА за рецепт 1: Во поголем сад просејте го брашното и помешајте го со солта, па додајте 300 мл топло млеко претходно помешано со шеќер и квасец. Додајте го маслото и топлата вода, па замесете средно меко тесто кое не се лепи за рака. Покријте го и оставете го на топло да стасува 1 час додека убаво да го удвои волуменот.
Стасаното тесто премесете го и поделете го на 8 приближно еднакви парчиња. Обликувајте топчиња и покријте ги да не се сушат додека едно по едно ги приготвувате. Развлекувајте ги во тркалезна кора со големина на плитка чинија. Редете една врз друга по 4 кори, а врз секоја (освен горната) рендајте путер. На овој начин ќе добиете 2 купа со по 4 кори.
Од секој развлечете по една голема кора, исечете ја на 12 триаголници (за вкупно 24 големи кроасани) или 24 тесни триаголници (за вкупно 48 мали кроасани). Виткајте ги и редете ги во плех обложен со хартија на одредено растојание (растат во текот на печењето). Одозгора премачкајте ги со жолчка и печете ги 15 минути во загреана рерна на 180 степени. Постапката за вториот рецепт е слична:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Растворете го квасецот во течните состојки кои треба да бидат топли или на собна температура, па постепено додавајте го брашното и замесете меко и малку лепливо тесто. Покриојте го и оставете го да стасува на топло место час ипол. Потоа лесно премесете го и поделете го на 8 делови (и натаму е меко и малку лепливо, па користете сосем малку брашно за да не ви лепи).
Обликувајте 8 топки, развлечете ги во кори со големина на плитка чинија, па секоја освен последната намастете ја со путер. Овој еден голем куп завиткајте го во кеса и оставете го во замрзнувач 20 минути, па развлечете го во тенка кора и повторно преку целата површина премачкјате путер.
Сечете триаголници, филувајте со нутела и виткајте кроасани. Наредете ги во плех обложен со хартија и оставете да одморат 20 минути. Потоа премачкјате ги со жолчкаѕа и печете ги во загреана рерна на 220 степени околу 25 минути. Не ја пропуштајте ниту постапката од третиот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 3: Растопете го квасецот во топло млеко со малку шеќер. Во длабок сад ставете го брашното, помешајте го со прашокот за печиво, па додајте го растворениот квасец. замесете, па пред крајот додајте ја солта, маслото и две полни лажици кисела павлака (на собна температура). По потреба додајте уште малку брашно, но внимавајте, тестото треба да биде средно меко, повеќе меко, но да не ви лепи.
Не се остава да стасува туку веднаш развлечете го во кружна кора, сечете триаголници и виткајте кифли или кроасани. Редете ги во плех обложен со хартија за печење. Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, а за тоа време кроасаните ќе одморат. Премачкјате ги со јајце и наросете ги со сусам или ким, па печете ги 10-15 минути.