Нема кој не ги сака овие многу вкусни колачи со пиво. Може да ги валкате во мелени лешници или ореви, па дури и во кокос или мелени и сечкани кикирики, секако се вкусни. Тестото се подготвува за 2-3 минути, а од оваа доза излегуваат приближно 30 парчиња со величина на просечни кифлички.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 800 г брашно, 250 мл масло, 250 мл пиво, 2 ванилин шеќер, 2 прашок за печиво, 3 лажици шеќер, ореви за внатре во колачите, мелени лешни за валкање на пиварките. ЗА ШЕРБЕТ: 400 г шеќер и 400 мл вода.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 550 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажица шеќер, на врв од лажичката сол, 200 мл масло, 200 мл пиво и малку ореви. ЗА ПРЕЛИВ: 1,5 чаша шеќер (300 г), 1,5 чаша вода (300 мл), 1 ванилин шеќер, малку лимон и 100 г мелени ореви за наросување.




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Во поголем сад ставете 250 мл масло, 250 мл пиво, 2 кесички ванилин шеќер, 3 лажици шеќер, 2 кесички прашок за печиво и 800 г брашно. Целата смеса убаво се замесува со раце, а доколку е меко, додајте уште малку брашно. Готово е тестото кога ќе стане компактно и кога ќе започне да се одвојува од ѕидот на садот.




Веднаш кинете мали парчиња од тестото и формирајте топчиња со величина на поголем орев. Топчето сплескајте го со дланките, ставете една јатка орев, па затворете ги и формирајте ги колачите. Вака формираните колачи редете ги во плех и ставете ги да се печат во загреана рерна на 210 степени, околу 10-15 минути, додека да заруменат.




Потоа оставете ги да изладат. ЗА ШЕРБЕТ: Во едно тенџере ставете 400 мл шеќер и 400 мл вода, па ставете на оган и откако ќе зоврие, варете 3-4 минути. Со помош на кутлача, врелиот шербет полевајте го рамномерно врз ладните пиварки. Превртете ги и од другата страна за да можат убаво да го впијат сирупот.




Кога пиварките ќе го впијат шербетот, валкајте ги во мелени лешници. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а во продолжение дочитајте ја постапката за вториот рецепт за пиварки со кокос.




ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Во еден подлабок сад ставете 550 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажица шеќер и прстофат сол. Промешајте да се изедначат состојките. Во мешавината од суви состојки додајте 1 чаша (200 мл) масло и 1 чаша пиво. Мешајте со лажица додека да добиете убаво тесто, а потоа продолжете да месите со рака.




Тестото не треба да биде ниту премногу меко, ниту премногу тврдо. Од тестото откинувајте парчиња со величина на орев, формијте топче, сплескувајте го со дланките, во средина ставете оревче и повторно формирајте топче или колаче во вид на ружичка.




Вака формираните колачи редете го во плех обложен со хартија за печење. Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени, приближно околу 20 минути. Додека се печат колачите, пригответе го сирупот: на оган ставете 1,5 чаша (300 г) шеќер, 1,5 чаша (300 мл) вода и еден ванилин шеќер.

Кога ќе зоврие сирупот оставете го да се вари уште 5-6 минути. Исклучете ја ринглата и додајте неколку тркалца исечен лимон. И колачот и сирупот треба да бидат врели. Извадете го колачот од рерна и оставете го 3-4 минути да подизлади.

Потоа секое колаче ставајте го во сирупот 20-тина секунди од едната и уште 20-тина секунди од другата страна. Натопените колачи веднаш валкајте ги во мелени ореви или во кокосово брашно, по желба. Овие колачи можете веднаш да ги послужите, но со стоење стануваат уште поровки.