Торта без млеко и јајца, највкусната посна верзија. Многу ми се допаѓа тоа што секое парче убаво изгледа, а сепак е сочно и кремасто. Можете да ја правите за претстојните празници, бидејќи досега се покажала како омилена, особено сите ја сакаат за време на постењето, за убаво да се засладат. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА: 500 мл вода, 150 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 4 лажици какао, 320 г брашно, 3 лажици масло, 1 лажичка прашок за печиво ( ½ кесичка), 50 г мелени ореви, 50 г кокос.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете ја водата, а потоа една по една сите наведени состојки. Матете со жица додека сите состојки да се изедначат и да добиете фина смеса со полутечна конзистенција.
Ова се состојки за само една кора, а потребни се две вакви кори, така што е потребно да ги удвоите наведените состојки. Откако ќе се испечат и изладат корите, се сечат хоризонтално, секоја на по две потенки, за да се добијат 4 тенки големи кори.
Смесата рамномерно распоредете ја во плех 25х25 см или калап 28 см, претходно обложен со хартија и дополнително намастен и набрашнет. Корите се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час (проверете со чепкалка).
ЗА ПРЕЛИВОТ: 200 мл вода, 4-5 лажици мармалад/џем од кајсии, шипки, јагоди, праски (по ваша желба), 1 штангла посно чоколадо. Сите состојки ставете ги на оган додека да се растопат, па со врелиот прелив рамномерно прелијте ги ладните кори. Ова се прави при филувањето/редењето на тортата.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 1 литар вода, 2 пудинг од ванила, 4 лажици брашно, 150 г шеќер, 200 г посен маргарин, 50 г посни мелени бисквити (плазма), 100 г рендано/ситно сечкано посно чоколадо.
ПОСТАПКА: Во тенџере ставете го шеќерот, пудингот, брашното и малку вода. Промешајте па додадете го остатокот од водата и сварете го кремот со постојано мешање. Прекријте го со проѕирна фолија и оставете целосно да се излади.
Потоа додајте маргарин исечкан на коцки и омекнат на собна температура, па добро измиксајте додека да се соедини со кремот. Во филот додајте ја мелената плазма и ренданото чоколадо, па промешајте со лажица додека да се изедначи филот.
За глазура (ако сакате да ја ставите): 150 г чоколадо, 3 лажици масло. Полека загревајте на умерен оган додека да се растопи и соедини. Дополнително може да додадете ореви за украсување и шеќер во прав за наросување.
Филување на тортата: кора, прелив, фил, кора, прелив, фил…до крај. Тортата ставете ја во фрижидер да се стегне, па потоа украсете ја. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.