Со карфиолот може да подготвувате многу различни специјалитети, а во некои земји овој зеленчук се смета за деликатес. Иако кај нас, карфиолот се претпочита да се става во супи или да се похува, сепак испробајте го и овој нов начин на подготвување, нема да се покаете.
Овој оброк е посен и може да си го правите во секое време, на деновите кога се пости. Несомнено ќе се заситите од него. Може да го послужувате како главно јадење или како предјадење со потпечено лепче. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг карфиол, 1 главица кромид, 2 пиперки (црвена и зелена), 150 г боранија, 3 домати, 3 чешниња лук, 1-2 лажици масло, 2 лажици доматна паста, половина китка магдонос и од зачини ќе ви биде потребно: сол, црн пипер и црвена зачинска пиперка.
ПОСТАПКА: Карфиолот исечкајте го на цветчиња, да останат само крупните, а ливчињата и потвдите делови отстранете ги. Вака подготвените цветови складирајте ги во едно тенџере и прелијте ги со вода. Додајте 1 полна лажица сол, промешајте и ставете го тенџерето на рингла на средна температура.
Кога водата ќе зоврие, варете го карфиолот уште 5-6 минути, додека да омекне. Во меѓувреме, ситно исечкајте 1 главица кромид на полупрстени. Во едно тавче ставете да се загрее 1-2 лажици масло, па исечканиот кромид ставете да се пропржи во маслото.
Пржете го кромидот додека да почне да омекнува, за што ќе биде потребно неколку минути, а во меѓувреме исечкајте ги пиперките на тенки ленти, па додајте ги да се пржат заедно со кромидот, со повремено мешање. Боранијата исечкајте ја на тенки парчиња, па кога пиперката ќе омекне, додајте ја и таа да се пропржи во останатите состојки.
Пржете додека сите состојки да омекнат и да почнат да ја испуштаат својата преубава арома. При крајот, додајте ги сечканите домати, на поголеми парчиња и гответе додека течноста од тавчето да испари. Лукчето поминете го низ преса или ситно исечкајте го и додајте го во останатите состојки.
Зачинете го зеленчукот по вкус со сол, црн пипер и црвена зачинска пиперка, фино измешајте, па додајте ја доматната паста и соединете, додека да го облее целиот зеленчук. За да се направи вкусен сос, извадете малку од водичката во која се вареше карфиолот и додајте ја во зеленчукот (околу 1/2 чаша или 1 кутлача).
Од водичката ќе се направи вкусен и згуснат сос во кој треба да го ставите и сварениот карфиол. Измешајте ги состојките и ручекот послужете го топол со потпечено и зачинето лепче. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.