Овие мекици кои секому успеваат се меки како душа, па доколку го немате овој рецепт, запишете си го и направете ги, нема да се покаете. Се прават од брашно со квасец, но во тестото се додава уште една состојка токму поради која тоа добива на мекост и откако ќе се испржат мекиците се толку многу вкусни. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 650 г брашно, 10 г сув квасец (1 кесичка), 1 мала лажичка шеќер, 1/2 мала лажичка сол, 400 мл млака вода и 5 супени лажици кисело млеко. Во овој рецепт киселото млеко всушност е тајната состојка за успешноста на тестото. А, еве ја и постапката:




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад просејте го брашното (650 г), па додајте го квасецот и една лажичка шеќер, како и половина лажичка сол. Промешајте и направете мало вдлабнување во средината, па додајте пет супени лажици кисело млеко, кое претходно отстојало на собна температура (да не е ладно од фрижидер).




Залијте со млака вода која можете да ја додавате постепено додека мешате со лажица, или одеднаш да ја ставите речиси целата количина, а кога ќе се впие сета течност, да го додадете и остатокот.




Тестото можете да го соединете и со миксер со спрецијални продолжетоци за месење тесто, но многу лесно се обработува и со рака, зашто не е потребно многу време да се меси, што е случај со бесквасните теста.




Откако ќе го замесите тестото и тоа ќе стане компактно, обликувајте го во топка и поклопете го со капак или покријте го со кеса/стреч-фолија и оставете го на топло место (без провев) да стасува еден час, додека да го удвои својот волумен.




Стасаното тесто откако ќе ферментира е доста меко, па малку набрашнете ги прстите и премесете го за да се истиснат гасовите од него. Како што кажавме, тоа е доста меко и малку лепливо за прстите, но такво треба да биде.




Следно што треба да направите е да ги намастите дланките. Потоа откинувајте парчиња од тестото и обликувајте топчиња, па редете ги врз мазна, малку намастена површина. Топчињата покријте ги и оставете ги на топло да одморат 10 минути.




Во широк сад сипете масло за готвење со длабочина од 2 см, па ставете го на рингла да се загрева на умерена температура. Повторно, со намастени дланки земајте ги топчињата и со прстите развлекувајте ги, па спуштајте ги во врелото масло.

Пржете ги по неколку минути од двете страни додека да добијат златножолтеника боја. Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салфетка и послужете ги топли со парче сирење и чаша јогурт.