Оваа вечера изгледа многу декоративно и убедливо го зазема првото место. Ја подготвувам со задоволство, затоа што знам дека домашните уживаат во неа. Првпат ја направив пред неколку месеци, кога ни дојдоа стари пријатели на гости и се воодушевија од вечерата и не ми веруваа дека јас сум ја направила.




Оттогаш ми јавуваат и други заеднички пријатели, да ме прашаат за рецептот, бидејќи пријателиве се испофалиле дека вечерата била како од некој ресторан со Мишелин ѕвезда. Еве што ви е потребно за да ја подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 2 јајца, 125 мл вода, 2 лажички сол, 220 г брашно, малку масло за пржење. ЗА ФИЛОТ: 500 г мелено месо, 1 главица кромид, 1-2 пиперки, 2 чешниња лук, оригано, сол, црн пипер, 1 лажици доматна паста. ЗА БЕЛИОТ СОС: 30 г путер, 500 мл млеко, 3 лажици брашно, сол, 150 г кашкавал.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад истурете го млекото кое треба да биде на собна температура, како и јајцата и водата. Скршете ги јајцата во него, промешајте со жица или маталка, па додајте ја водата, 2 лажички сол и 220 г брашно. Измешајте во фина, мазна и еднолична смеса, која не треба да има грутчиња од брашното.




Смесата треба да биде ретка како јогурт. На едно тавче со средна големина премачкајте малку масло, а можете и во смесата да додадете сосем малку масло (околу 1 лажиче). Со помош на кутлача, црпете соодветна количина од смесата и печете палачинка по палачинка, додека да ја потрошите целата смеса.




Палачинките се пржат на вообичаен начин, иако смесата изгледа многу ретка, доволно е да се пржат по 1-2 минути од страна. Пред секое пржење на нова палачинка, тавчето премачкувајте го со малку масло. По печењето, палачинките редете ги на чинија и оставете да се оладат додека го подготвувате филот. ЗА ФИЛОТ: Меленото месо се става во тавче со масло да се пропржи, а во меѓувреме ситно исечкајте 1 главица кромид.




Кога од месото ќе испарат течностите, додајте го кромидот, па зачинете по вкус со сол, црн пипер, оригано, црвена зачинска пиперка и останати зачини по ваш вкус. Исечкајте ја и пиперката на тенки ленти, па додајте ја да се пропржи со останатите состојки, а лукчето поминете го низ преса или исечкајте го ситно, пред да го додадете во тавчето.

Кога месото ќе ја промени бојата и ќе испари вишокот течност, додајте 2 лажици паста од домати и фино промешајте до соединување на смесата. Тргнете го тавчето од рингла и оставете да се олади.




За да направите бел сос, потребно е во едно тавче да го ставите путерот и да почекате да се растопи на ниска температура. Во растопениот путер, додајте го брашното и енергично измешајте со жица или дрвена лажица, додека да почне да се формира соединета смеса. Постепено, во смесата започнете да го додавате млекото и со константно мешање, направете густ бел сол.

Во сосот додајте сол, црн пипер и мускантно оревче и добро соединете. Ако сосот излезе премногу густ, тргнете го од рингла и додајте уште малку млеко, за да се разреди. На еден плех, обложен со хартија за печење, редете ги подготвените состојки.

РЕДЕЊЕ: Палачинка, бел сос, мелено месо, палачинка, бел сос, мелено месо и така редете додека да стигнете до последната палачинка, а за тоа време потрошете го меленото месо на долните слоеви. Последниот слој се премачкува со белиот сос и одозгора се реди ренданиот кашкавал кој при печењето ќе даде изглед на балон.

Вака подготвените необични лазањи со палачинки се печат во претходно загреана рерна на 190 степени, околу 20-тина минути, додека кашкавалот да фати коричка, бидејќи состојките се веќе подготвени за јадење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.