„Како прво, ви благодарам на сите за преубавите роденденски желби и честитки.. Сите вие ми го разубавувате овој посебен ден. За мене и моите најмили, кралица меѓу тортите е токму „Камелија“, па како знак за благодарност кон сите ви го претставувам нејзиниот рецепт“, Ена Саровиќ.

торта Камелија: Ена Саровиќ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (прва кора): 5 белки, 100 г шеќер, 100 г мелени ореви, 2 супени лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г). За втора кора: 5 белки, 100 г шеќер, 100 г кокосово брашно, 1 кесичка прашок за печиво. За трета кора: 4 јајца, 100 г шеќер, 100 г чоколадо, 2 супени лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г)




ЗА ФИЛ: 10 жолчки, 300 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 8 супени лажици брашно, 1 литар млеко, 500 г путер, 250 г шеќер во прав, 2 кесички шлаг крем од ванила, 100 г црно чоколадо, 100 г бело чоколадо. За декорација: 3 кесички шлаг креми, 200 мл млеко




ПОСТАПКА: Пенасто изматете ги белките, па започнете постепено да го додавате шеќерот додека непрекинато матите со миксерот. Кога ќе добиете цврст и сјаен снег кој не паѓа од лажица, додајте ги мелените ореви и брашното помешано со прашок за печиво.




Мешајте полека со бавни движења на лажицата/шпатулата за да остане снегот воздушест и пенлив. Добиената смеса излејте ја во претходно обложен калап (28) и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 20 минути.




За втората кора изматете ги белките со шеќерот на ист начин како и за првата кора. Овојпат, наместо мелени ореви додајте кокосово брашно и просеано прашок за печиво, промешајте внимателно, па кората испечете ја во истиот калап, на 200 степени, 20 минути.




За третата кора изматете ги јајцата со шеќерот додека тие да згуснат, а шеќерот да се растопи, 5-8 минути, а потоа додајте го ренданото чоколадо и брашното помешано со прашокот за печиво. Печете на ист начин како и претходните кори, на 200 степени, 20 минути.




ЗА ФИЛ: Пенасто изматете ги жолчките со шеќер, ванилин шеќер и брашно (брашното додајте го откако ќе се растопи шеќерот). Додајте половина од млекото и промешајте. Внимавајте да нема грутчиња, па дури потоа додајте го остатокот од млекото.




Добиената мешавина сварете ја на умерена температура додека да згусне, а потоа тргнете настрана и оставете да се олади. Во оладениот крем додајте пенасто изматен путер со шеќер во прав (омекнат на собна температура), па додајте го прашокот од шлаг кремот (директно од кесичката, не треба да го подготвувате според упатството).




Изматете убаво со миксерот додека да се соединат сите состојки во мазен, густ крем. Филот поделете го на два приближно еднакви дела. Треба да биде скроз ладен кога ќе го додавате чоколадото!




Во едниот дел додајте рендано црно чоколадо, а во вториот дел додајте рендано бело чоколадо. Тортата филувајте ја на следниот начин: прва кора, 1/2 фил со бело чоколадо, втора кора, 1/2 фил со црно чоколадо, 1/2 фил со бело чоколадо, трета кора, 1/2 со црно чоколадо. Целата торта декорирајте ја со изматен шлаг. Рецепт на Ена Саровиќ.