Подготовката е навистина едноставна и брза. Можете да ги правите посни или мрсни. Обландите се навистина најпосакуваните слатки кои може да ги најдете на трпезата. Сите ги сакаат поради убавиот вкус, но домаќинките ги сакаат поради уште една работа, а тоа е дека нема печење, нема многу валкање на садови и се готови за кратко време. Eве што ви е потребно за да ги направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 900 г шеќер, 220 мл вода, 375 г маргарин (посен, ако ја правите посната варијанта), 200 г мелени ореви, 250 г ситно сечкани ореви, 450 г мелен кекс (посен, ако ја правите посната варијанта), 2 обланди.




ПОСТАПКА: Во тенџере на загрена рингла ставате 900 г шеќер и оставете го да се стопи, но многу е важно додека се стопи шеќерот да не мешате туку да го оставите сам да се растопи на умерено ниска температура со повремено протресување на тенџерето.




Треба да внимавате да се топи на средна температура, а не на многу висока, бидејки така можете само да го изгорите и да има горчлив вкус. Кога ќе се стопи шеќерот во тенџерето се додава 220 мл вода и се остава додека карамелот да се растопи и смесата да се зготви како шербет.




Потоа се додава маргаринот да се растопи и соедини со карамелниот сируп, со повремено мешање. Потоа се процедува низ цедалка во друго тенџере за грутките кои останале да не бидат во филот за обландите. Откога ќе се процеди смесата, ја враќате во тенџерето и повторно го ставате на рингла додека да зоврие.




Кога ќе започне вриењето ги додавате мелените ореви. Убаво мешате за да се соединат и потоа ги додавате ситно сечканите ореви и сè мешате заедно за да се соедини, потоа го додавате кексот и непрекинато мешате додека да се добие убава густина, односно хомогена смеса.




Важно е за сето време да готвите на средна температура. Бидејки филот брзо се лади и со самото тоа брзо згуснува, потребно е кога ќе го тргнете од рингла, веднаш да го излеете врз обландата.




Целиот фил го ставате на средина на едната обланда и потоа го распоредувате рамномерно низ целата површина. Кога ќе го распоредите врз филот ја ставате и другата обланда. Малку притиснете ја втората обланда одозгора, за фино да се залепи филот, па оставете да се олади, но ако сте нетреливи, можете и веднаш да ги послужите и да ги пробате.




Кога ќе се олади обландата се послужува со сечење на коцки или на штангли по ваша желба. Целата подготовка одзема околу 30-тина минути, така што можете да подготвите и две дози, за да имате повеќе обланди. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.