Славскиот овал полн со предјадења обично содржи разноразни ролати, пити, кифлички, салати и солени топчиња. Овојпат ви претставуваме рецепт за многу вкусни и декоративни топчиња со пилешко месо кои се одлични за послужување, зашто се послужуваат во еден залак и секој сака да ги проба.
Лесно и едноставно се приготвуваат од бело пилешко месо и рендан кашкавал, а се валаат во мелени кикирики. Откако го открив овој рецепт и ги испробав, толку многу ни се допадна, што почнав многу често да го приготвувам.
Некогаш обликувам топчиња, а некогаш во смесата додавам уште малку мајонез и целата салата ја послужувам со декоративна чинија, одозгора наросена со кикирики. Испробајте го рецептот и вие, нема да се покаете, ќе уживате во овие вкусни, мини залчиња. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г пилешко бело месо, 150 г тврд кашкавал кој лесно може ситно да се ренда (по ваш вкус), 2 чешниња лук, сол, 1/2 китка свежа мирудија/копар или магдонос (по вкус), 120 г мајонез, 1 супена лажица масло.
ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 100 г мелени кикирики. Ако ги правите за Нова година, одлична декорација се постигнува ако ги правите во облик на лампиони, со помош на маслинки и зелени перца од млад кромид.
ПОСТАПКА: Пилешкото бело месо ставете го во чинија, намастете го со малку масло, посолете го и зачинете го со специјален зачин за пилешко, или пак зачини по ваш избор. Добро истријте го од сите страни, па оставете го половина лас да отстои во фрижидер за да ги впие вкусовите.
Откако ќе се маринира, пилешкото месо испржете го во тава на малку масло, додека да зарумени убаво од двете страни. Оставете го настрана да се олади. Кикириките (претходно истостирани/испечени и излупени) ситно сомелете ги, а кашкавалот изрендајте го на најситната страна од рендето.
Мирудијата/копарот ситно исечкајте го. Сите намирници е потребно да бидат што поситно исечкани за да можат убаво да се соединат во комапктна смеса. Пилешкото, кашкавалот и мирудијата измешајте ги во една длабока чинија.
Мајонезот помешајте го со изрендан или истиснат низ преса лук, па додајте го во мешавината. Изедначете додека смесата да стане компактна. Од добиената смеса црпете со рака и обликувајте топки со големина на тениско топче (ии по ваша желба).
Валајте ги во мелените кикирики и поставете ги на украсна чинија. Доколку правите декорација лампион: црна маслинка пресечете на половина и направете две мали дупчиња/засеци со врвот на ножот.
Низ нив протнете зелена дршка и маслинката како капа поставете ја на врвот од секоја топка. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.