Овие печива од готови кори обично се подготвуваат за претстојните слави и празници. Она по што се издвојуваат од останатите солени ролати е нивната едноставнот, но и раскошниот вкус.
За нив не се замесува тесто, туку се користат готови кори, а сепак кога ќе се пресечат, наликуваат на познатите „полжавчиња“. Во овие ролати, доминира филот кој може да го правите според ваш вкус.
Многу практичен рецепт за печива кои излегуваат многу вкусни. Со готови кори и 2 компири ќе ги направите највкусните печива кои не бараат многу работа. Ниту месите, ниту валкате многу садови, излегуваат совршени. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 големи кори за пита, 3 големи компири, 50 мл млеко, половина китка магдонос, 100 г чедар кашкавал или некој по ваш избор, 1 мала лажичка сол. ЗА ФИЛОТ: 2 јајца, 50 мл масло, 4 големи лажици јогурт (120 мл), сусам за наросување (опционално).
ПОСТАПКА: Компирите добро измијте ги под млаз ладна вода излупете ги и веднаш ставајте ги во некој сад со ладна вода, за да не потемнат. Потоа исцедете ги од водата и исечкајте ги на помали коцки со приближно еднаква големина (за рамномерно и истовремено да се сварат), па ставете ги во поголемо тенџере.
Залијте ги со вода и ставете на рингла да се варат додека да омекнат. Приближно ќе биде потребно околу половина час. Потоа процедете ги од водата и испасирајте ги со виљушка за да добиете мазно пире. Во пирето ставете го млекото и солта и на крајот додајте го ситно сечканиот магдонос и кашкавалот.
Измешајте ги состојките додека да се формира убава, компактна смеса која лесно се мачка. Пирето тргнете го настрана. Земете една од корите и поставете ја на рамна површина и премачкајте ја со следнава мешавина:
Прелив за корите: изматете ги јајцата, а потоа во нив додајте го јогуртот и маслото. Со помош на кујнска четка премачкајте ги корите преку целата површина. Прво се премачкува првата кора, одозгора се става втората, повторно се премачкува и истиот процес се повторува и со третата кора.
На последната кора откако ќе ја премачкате со преливот, распоредете го филот од пире, а потоа превиткајте ги страните околу 1/3 од сите кори и од едната страна завиткајте во цврст ролат. Ролатот пресечете го на половина и ставете го на плех, покријте со најлонска фолија, а потоа во замрзнувач да отстои 1 час.
Доколку користите обични кори за пита со големина на плех, постапката е иста, а по лична проценка употребете 3 или 4 кори за пита. Важно е да бидат свежи и лесно да се виткаат. Кога ќе го нанесете филот, распоредете го рамномерно со помош на прстите, па подвиткајте ги краевите за да не истекува при печењето и свиткајте го ролатот.
Од секој ролат се сечат помали ролатчиња и се редат на плех обложен со хартија за печење. Некои од парчињата може да си ги замрзнете, а некој друг пат да ги испечете. Единствено што треба да направите е да ги ставите во зип кесичка.
Останатите парчиња кои планирате веднаш да ги печете, премачкајте ги со претходно направената смеса од јајца, масло и јогурт и по желба наросете сусам. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени додека да фатат коричка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.