Кифличките се чини дека се омиленото јадење на престојните слави и празници кои ни доаѓаат. Тие одговараат буквално со сè што се наоѓа на трпезата од ајвар, риба, гравче, месо, салати, пинџур итн. Кифличките се задолжително јадење за овие денови, а во продолжение прочитајте два рецепти:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 кг обично брашно, 2 кесички сув квасец (14 г), 500 мл топло млеко, 250 мл пиво, 4 лажици шеќер, 1 лажичка сол, 100 г стопен путер, 5 лажици масло. И УШТЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 1 јајце за премачкување, сусам, лен, афион, ким, чиа…




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 1 коцка квасец (40 г), 400 мл млеко, 200 мл вода, 3 еднакви лажички сол, 1 лажичка шеќер, околу 850 г брашно. За премачкување: 150 г свинска маст или путер/маргарин, 3 жолчки од јајце, 1 лажица брашно. И УШТЕ: 1 јајце, семки по желба.




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Соединете ги сите состојки за тестото и формирајре го со миксер (со спирални додатоци) со постепено додавање на состојките. Ако немате миксер, тестото може да го замесите рачно. Најпрво во еден подлабок сад ставете топло млеко, па додајте го квасецот и шеќерот.




Оставете неколку минути, квасецот да набубри (3-4 минути), па потоа додајте ја солта, маслото, растопениот путер, пивото (не треба да биде многу ладно) и добро соединете со жица/маталка. На крајот, како последен чекор за подготовка на тестото се додава постепено брашното.

Замесете фино и меко тесто кое треба да биде компактно и да не се раcпаѓа и лепи помеѓу прстите. Оставете го тестото да го удвои својот волумен околу 1 час, покриено под крпа или пластична фолија.




Поделете го тестото на 8 еднакви делови. Секој дел формирајте го во топче и исечете го на 8 триаголници. Обликувајте кифлички со ролање на триаголниците и редете ги во голема тава обложена со хартија за печење – вкупно 64 кифлички излегуваат од оваа смеса.




Загрејте ја рерната на 200°C. За тоа време ролатите премачкајте ги со изматено јајце, посипете со малку сол и семки по избор. Печете 15 минути, додека фино да заруменат одозгора. Кифличките имаат прекрасна арома. / Сoolinarka.сom




ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Во еден сад ставете го квасецот, па прелијте 200 мл топло млеко, додајте шеќер и 1 лажичка брашно за да се активира. Оставете неколку минути додека смесата да се набубри. Потоа, додајте ги останатите состојки и замесете меко тесто и оставете да се удвои на собна температура.

Развлечете го тестото во валјак за полесно да го поделите на 4 приближно еднакви делови. Од секој дел формирајте топки. Одделно соединете ги свинската маст, жолчките и брашното и убаво измешајте.




Секоја „јуфка“ развлечете ја во големина на поголема чинија (во кружна форма како за пица) и премачкајте ја со смесата за премачкување која претходно сте ја подготвиле. Вака подгответе ги и останатите теста. Оставете да отстојат половина час, па соединете ги две со две.




Потоа развлечете ги корите на рамна набрашнета површина како за пита. Тестото се развлекува со раце, не со оклагија (бидејќи и горната јуфка е премачкана), не мора да биде многу тенко, но добро растегнете. Тестото лесно се развлекува.




Вака подготвените теста виткајте ги во тенок долг ролат (валјак). Секоја ролна се сече попречно на еднакви делови и печивата се редат во плех обложен со хартија за печење. Се оставаат тестата уште малку да стасаат додека се загрее рерната и се премачкуваат со изматено јајце и по желба се наросуваат со семки по ваш избор.

Брзи кифлички: Верче Илиоска

Загрејте ја рерната на 180 степени и печете додека тестото добие златно-кафеава боја. Од оваа количина се добиваат два поголеми плеха од кифли. Тестото може да се полни со сладок или солен фил, но и вака шупливи се многу вкусни. / Сооlinarka.сom