Овие „пити-пици-пастрмајлии“ имаат извонреден вкус бидејќи тестото е многу меко, како памук. За филот обично се става доматна паста во комбинација со моцарела или ајдамер кашкавал и зеленчук, но секако може да се подготват и со намирници по ваш вкус. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г брашно, 1 голема лажица сув квасец, 1 мала лажица шеќер, 160 мл топла вода, 1/2 лажичка сол, 40 мл екстра девствено маслиново масло, кромид, зелени пиперки, домати, моцарела или ајдамер кашкавал, 1 лажица доматна паста, зачини по вкиус.




ПОСТАПКА: За замесување на тестото, во еден подлабок сад ставете го брашното и на средина направете вдлабнатина во која треба да го додедете сувиот квасец, отприлика 1 голема лажица. Врз квасецот додајте 1 мала лажица шеќер.




Веднаш потоа во сувите состојки во вдлабнатина каде што го ставивте квасецот се додава 160 мл топла вода, уште малку се промешува само на средина, а отстрана брашното да си остане. Се остава квасецот да набубри неколку минути, додека да се активира.




По изминатото време, на средина додајте сол и одозгора прелија со 40 мл маслиново масло. Со помош на шпатула, измешајте ги фино состојките додека да почне смесата да се формира во тесто. Кога веќе нема да можете да го мешате тестото со шпатулата, преминете на месење со раце.




Тестото треба да биде компактно и да не се лепи на прстите. Кога ќе го формирате тестото, вратете го во садот каде што првично го замесивте и одозгора прелијте го со уште 1 лажица маслиново масло која е потребно да ја размачкате врз него. Покријте го садот со тестото со пластична фолија и оставете да го удвои својот волумен на топло и пријатно место.




Во меѓувреме, можете да ги подготвите состојките за филот. Во еден сад ситно исечкајте 1 главица црвен кромид, додајте ситно сечкана зелена пиперка (една или две помали), додајте ситно сечкан домат и во зеленчукот додајте 1 лажица доматна паста.




Нежно измешајте го зеленчукот со пастата од домати и потоа зачинете по ваш вкус со оригано, сол и малку маслиново масло. Настрана изрендајте си моцарела или ајдамер кашкавал во количина по ваш избор. Состојките за филот може да бидат разновидни и филот може да го правите и со месо или нешто друго по ваш вкус.




Кога тестото ќе се удвои, се префрла на рамна набрашнета површина и се размесува уште сосем малку, за да не се лепи. Тестото се поделува на два еднакви делови и секој дел се формира во крупно топче, помеѓу дланките. На набрашнета површина, работете едно по едно топче, така што со помош на оклагија ќе го развлекувате во елипсовиден облик, колку што е можно подолго.

Големината на тестото треба да соодветствува со големината на плехот кој дома го имате. На пример, ако питичките ги печете во помал плех, тогаш тестото поделете го на 4 еднакви делови. Секоја развлечена питичка се става во плех, обложен со хартија за печење и се повторува процесот додека да го потрошите и останатото тесто.

Тестото малку се премачкува со маслиново масло и по краевите (како што е прикажано на видеото подолу) се реди со кашкавал. Кашкавалот се става околу 1,5 прст после краевите и се реди само во еден ред.

Потоа се превиткуваат краевите кон кашкавалот, така што кората од тестото однатре да биде исполнета со кашкавал. Потоа на средина се става минимално од ренданиот кашкавал, како подлога, па потоа филот со зеленчуци кој претходно го подготвивте.

Краевите на тестото се премачкуваат со малку маслиново масло пред да се стават на печење и врз филот од зеленчук се наросува уште малку кашкавал.

Питите се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20-25 минути. По печењето, можете да ги складирате во сад со кеса за да не се сушат, а на овој начин можете да ги чувате и наредниот ден, доколку не се изедат, што е ретко, бидејќи се навистина вкусни. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.