Лебот приготвен во тегла не се меси, исклучително е здрав и хранлив, а има рок и до 12 месеци. На овој начин може да се пpеживеат тешки времиња кога нема струја, без квасец и брашно. Овој леб брзо заситува, бидејќи е преполн со сите неопходни хранливи материи.




Се чува во тегла исто како зимницата и се користи по потреба. Овој начин на подготовка е многу стар и порано се практикувал во периоди на немаштија. Вака приготвениот леб можете да си го носите на патување и да го јадете кога ќе посакате. Направен е од грав и семки. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г грав од конзерва, 200 г овесни снегулки, 50 г ленено семе, 50 г семки од тиква, 50 г сусам, 50 г семки од сончоглед, 20 г чиа семе, 20 г лушпи од псилиум, 1 лажичка сол, 150 г мешавина од јаткасти плодови, 170 мл вода, 20 мл масло.

Може да ставите ореви, бадеми, лешници, индиски ореви, кикирики или што имате во количина од 150 г. Псилиумот или индискиот тегавец како што се нарекува, во овој случај се додава наместо квасец, бидејќи се користи за бесквасни теста.

Можете да го набавите од аптека или продавница за здрава храна, а најчесто се користи како природен лек при хронична опстипација и во разни диети за намалување на килогpамите. Секако, можете да направите и сопствена комбинација од различни семиња по свој избор и вкус, но псилиумот не го изоставајте.




ПОСТАПКА: Целата содржина од конзервата сосе гравот истурете ја во еден подлабок сад. Не ја фрлајте течноста, зашто исклучително е хранлива. Потоа гравот испасирајте го со рачен блендер додека да добиете мазно, полутечно пире од грав, без грутчиња.




Во испасираниот грав додајте 200 г овесни снегулки, 50 г ленено семе, 50 г семки од тиква, 50 г сусам, 50 г семки од сончоглед, 20 г чиа семе, 20 г лушпи од псилиум (индиски тегавец) или пак направете комбинација од семки и семиња по сопствен избор.




Наместо овесни снегулки може да ставите јачменови или пченични, важно е да бидат снегулки од житарици во количина од 200-220 г, и во исто толкава количина да додадете разни семиња и семки кои во моментот ви се достапни. Потоа посолете со една лажичка сол и додајте мешавина од јаткасти плодови (150 г).




На крај додајте помешани 170 мл вода со 20 мл масло за готвење. Мешавината соединете ја со рака. Месете ја неколку минути додека сите состојки убаво да се соединат, а смесата да стане густа, со конзистенција на меко тесто, како паштета, на пример. Смесата оставете ја настрана додека ги приготвувате теглите.




Овој леб се пече во специјални тегли со широк отвор, а не во класични со тесен отвор, зашто не ќе можете да го извадите лебот од внатре. Доколку на капаците има гумени прстени, отстранете ги, тие ќе бидат потребни за подоцна. Теглите премачкајте ги со масло од внатрешната страна на дното и ѕидовите.

Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени, а решетката извадете ја (за да не пукне теглата кога ќе ја ставите заедно со решетката). Започнете да ги полните теглите со тестото, дел по дел, со добро притискање за да се истисне сиот воздух. На овој начин лебот нема се рони кога ќе го сечете на парчиња. Одозгора израмнете и премачкјате со малку масло.

Теглите ставете ги врз ладната решетка па внимателно пренесете ги заедно во загреаната рерна да се печат отворени на 200 степени 70 минути. Вметнете ги силиконските прстени за вакумирање на капаците и затворете ги додека теглите се врели. Превртете ги наопаку и оставете ги да се оладат.

Вака приготвениот леб чувајте го теглите на некое темно и ладно место, заедно со останатата зимница и користете го до една година. Деталите од целата постапка погледнете ја во видеото ОВДЕ.